[Став] Легализацијата на канабис нуди заштита на децата и младите од дроги

Давор Ангеловски

Ги замолувам сите свои пријатели, непријатели, познаници и непознаници, да не излегуваат лесно со ставови против легализацијата на канабисот, која се актуелизира деновиве, како да се работи за став дали на маалскиот тревник ќе имаме детско игралиште или терен за фудбал.

Искрено ве замолувам да пробате да сфатите, а потоа и да разберете, дека најпрво се работи за прашање кое тангира дали некој може да биде кривично осуден и да лежи затвор поради личната употреба на канабис. Значи зборуваме за затвор за луѓе кои не се криминалци, губење на работни места, уништени фамилии и животи, само поради лична употреба на канабис.

Со легализација (изведена како што треба) се уништува црниот пазар и се ограничуваат легалните места каде ќе може да се набавува канабисот. Ова првично значи намалување на криминал и намалување на излив на финансии кај криминалци.

Важен момент кој би сакал да се разбере е дека легализацијата нуди заштита на децата и младите од дроги, а не обратно како што често има коментари, првично бидејки полицијата ќе може да го посвети своето време на дилери на дроги и останат вид криминал. Местата за купување на канабис ќе бидат ограничени и истиот нема така лесно да се наоѓа на улица. Верувам и дека казните за давање на канабис на малолетник тогаш би биле кривични и драконски. Со легализација се намалува и општо употребата на дроги, бидејки се издвојува местото на купување и се ограничува можноста на оној кој купува канабис да му биде понудена некоја дрога. Не заборавајте дека во моментов тоа не е така и на вашето дете и да посака да проба или користи канабис, може да му биде понудено и некој вид дрога.

Следно што би сакал да посочам е дека легализација на канабис не е нова работа во светот. Примерите од цел свет покажуваат дека по легализацијата се намалува употребата на канабис кај младите. Дел се должи на погоре наведените фактори, но и на тоа што веќе не им е толку атрактивен, моментот кога може да се купи легално. Така да стравовите дека со ова ќе ја уништиме младината навистина не се основани. Ќе повторам, за деца и млади е полесно сега да набават канабис, отколку по легализацијата (изведена како треба).

Искуствата покажуваат и дека бројот на корисници не се зголемува драстично, така да не се секирајте дека цела Македонија ќе стане како Амстердам, иако искрено не гледам ништо лошо во тоа.

Така да драги пријатели, не ве одвратувам да имате став против, секако дека тоа е ваше и сечие право, но ве замолувам да ја сфатите тежината на тој став и консеквенците од истиот. Денес ми беше посочено, “Тоа што сум против, не значи дека поради мене некој ќе биде затворен.”, можеби и сте во право, иако јас не се согласувам, но ако сте за, можете да спречите некој да биде затворен и неговиот живот и животите на неговите најблиски да бидат уништени. Ве замолувам ставот за ова прашање да го донесете врз основа на аргументи и факти, не на тоа дали вие користите или не или дали ви се допаѓа или не, ниту пак како да се работи за одлука дали ќе се продава алкохол по 19ч. Се работи за животите на луѓе околу вас, ваши познаници, пријатели.

Давор Ангеловски, активист за правата на корисниците на канабис