[Став] Како е да се биде младински делегат на Самитот за климатски промени на ОН во Париз

Утрово видов сончева светлина за првпат по пет дена. На значајниот Самит за климатски промени на Обединетите нации, познат под името COP21, кој моментално се случува во Париз, комплетно сме исклучени од светот кој се обидуваме да го спасиме.

Дојдена сум овде како младински делегат од САД, часовите ги поминувам во стерилните хангари на аеродромот Le Bourget во Париз каде се водат разговорите, а расположението ми варира меѓу растечка надеж и длабок очај.

Како што поминуваат деновите, едно прашање останува: Кога ништо што можеме да направиме не е доволно, што може да се направи?

Патував до овде со велосипед, движејќи се полека низ 11 земји во текот на пет месеци, слушајќи приказни од луѓе кои се мобилизираа против климатските промени. Бев исполнета со енергијата на климатското движење која допираше од речиси секој агол кој го поминавме на нашето патување, од заедниците кои рафинираат масло вo Њу Брунсвик до фармите во рурална Шведска. Сега сум овде во Париз, на нашата последна дестинација, сé уште барајќи ја таа енергија. Но, потешко е да ја најдам одошто очекував.

Чувствувам како надоаѓа очајот додека ги слушам монотоните гласови на преговарачите.  Најдобриот можен исход од обврзувачките договори кои светските лидери ќе ги потпишат ќе биде ограничување на глобалното затоплување на просечен пораст на температурата до 2.7 целзиусови степени. Тоа значи смртна пресуда за најранливите земји.

Но, не ме растажува само веројатниот политички исход. Нашиот глас како глас на младината – не се слуша.

Често слушам „мора да ја обезбедиме иднината на младите“, и секојпат негодувам. Тешко е да слушаш како упатуваат на тебе како на пасивниот учесник во обликувањето на твојата приказна. За нас се зборува многу во процесот на постигнување на глобален договор за климатските промени, но ретко кога ни е дозволено да зборуваме.

Заедно со научниците, претприемачите и другите активисти кои дојдоа овде да „набљудуваат“, не ни е дозволено да влегуваме во собите каде преговорите всушност се случуваат.

Наместо тоа, трчаме од стратешки средби на прес-конференции, споредни настани, дозволени активности и на долгите бели маси каде со часови седиме пред нашите компјутери, обидувајќи се да го поврземе овој циркус со надворешниот свет.

Моите повремени напливи на надеж, сепак, доаѓаат поради слушање на приказни за сила и отпор од оние кои работат на фронтот на климатската криза, од младите луѓе од сите страни на светот кои се агенти на промена во нивните заедници.

Овде е Alejandra Salas од Костарика, која е лидер во образованието за климатски промени. Овде е Xiuhtezcatl Martinez, 15-годишен хип хоп музичар од Колорадо, кој го тужи Obama бидејќи не презема ништо во однос на климатските промени. Овде е  и Sagar Aryal од Непал, кој основал своја непрофитна организација за заштита на околината кога имал само 10 години. Сите работиме заедно.

Тоа вклучува и подигање на свеста за проблемите кои се најважни. Минатиот понеделник, земјите кои се најпогодени од климатските промени, малите островски држави, се собраа и храбро побараа глобалното затоплување да биде ограничено на 1,5 степени Целзиусови, место на 2,7. Два дена подоцна, изнервирани од недостатокот на медиумска покриеност, организиравме акција да ја покажеме нашата солидарност кон оваа декларација.

 

Наш прв говорник беше A.J. Alik од Маршалските Острови, чии сонародници од островот се нарекоа себеси „Пацифички климатски воини“ откако станаа првите луѓе кои го изгубија домот поради порастот на нивото на водата.

„Сакам да ме погледнете и да помислите на мојот народ“, рече пред насобраната толпа. „1.5 степени за да преживееме, да се стремиме кон 1.5 степени“.

Толпата почна да скандира „1.5 за да преживееме, 1.5 за да преживееме!“.

Тоа е тоа што преговарачите и претставниците на ОН не го разбираат. За разлика од тие кои го поминале цел живот во бирократија, младите луѓе сé уште имаат капацитет да замислат праведна и стабилна иднина. Сé уште знаеме во нашите срца дека поубав свет е возможен.

За време на нејзиниот говор на Денот на младите и идните генерации, кој се случи за време на COP21 на 3 декемвври, младата Anjali Appadurai рече дека оние кои се на власт мора да бидат волни и да се предизвикаат себеси со цел да направат промена. Неколку моменти пред тоа, Christiana Figueres, извршната секретарка на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации, облече иста маичка како група млади за да позира за фотографија со нив, и набргу ја напушти собата.

Anjali не се штедеше на зборови.

„Разочарана сум што Christiana ја напушти собата пред младината да добие можност да зборува“, рече. „Таа мора да знае дека ни треба простор и кога тоа можеби ќе предизвика неудобност за постарата генерација“.

Ја поздравив Anjali со стоечка овација. Иако знаеме како изгледа светот кој го сакаме, тешко е да го создадеме кога сме сé уште ограничени од правилата на постоечкиот.

Иако бев будна многу пред да се раздени за утринската медиумска стратегија на младинските делегати на САД во петокот, не појдов во конференцискиот центар. После неколку денови поминати речиси без сон, јадење само леб и сирење и мачејќи се да најдам време да се истуширам, решив на друго место да ги барам решенијата кои ни требаат за нов свет.

Неколкумина од нас се собравме за работилница за одржлив активизам во рамките на Eroles Project. Денот ни започна со две прашања. Сега, на крајот на првата недела на COP21, на што се надеваме? Од што се плашиме?

Не возев велосипед до Париз бидејќи имам голема надеж дека нешто ќе се смени на овој самит. СОР21 е само уште една точка во краткото и уништувачко поглавје од човечката историја. Нашата генерација, која стои на рамената на многумина пред нас, веќе се движи напред. Нашата приказна е приказна за моќ на интерно поврзани луѓе, на кои сé им е олеснетп од технолошката револуција без преседан која создаде можност за генерација со колективен идентитет над сите граници досега. Но, јас се плашам дека таа моќ не е доволно препознаена.

Како млади луѓе на самитот, многумина од нас можат да кажат дека многу од овие преговори траат подолго од нашиот живот. Денес се сетив на прашањето кое треба да си го поставуваме додека сме овде. Со години климатското движење се задржуваше на прашањето „Што можеме да направиме?“. Конечно дојде време да прашаме „Во кој се претвораме?“.

Само тогаш ќе сфатиме дека ние сме тие што ги чекаме.

За Mashable пишува Morgan Curtis, младински делегат од SustainUs, на Самитот за климатски промени на ОН во Париз.