[Став] Како да се спасуваат жени и новороденчиња при породување

За да се намали смртоноста кај родилки и новороденчиња, јасно е дека треба да се подобрат и зајакнат капацитетите и квалитетот на грижата кaј примарните здравствени установи надлежни за породување. Само, како да се направи тоа?

Страшниот пример на тениската ѕвезда Серена Вилијамс, каде настанале компликации по породувањето со кои бил загрозен животот на нејзината ќерка ни служат како потсетник дека породувањето со себе носи и ризик од смрт за секоја жена или новороденче. Вилијамс добила белодробна емболија – што всушност е згрутчување на крвта во белите дробови. Откако се изборила за своите права, таа ја добила грижата со која ѝ бил спасен животот. Милиони жени ширум светот не ја добиваат таа грижа.

Секоја година, повеќе од 5,6 милиони жени и новороденчиња умираат во текот на бременоста, породувањето или во првиот месец по раѓањето. Неквалитетната грижа во 48-те часа околу породувањето, особено, е една од најголемите причини за компликации и смрт при породување. Ваквите смртни случаи ги шокираат семејствата и заедниците. А за трагедијата да биде уште поголема, тие скоро во целост може да се избегнат. Деведесет и девет проценти од смртни случаи кај мајки и 80% од смртни случаи кај новороденчиња може да се спречат со соодветна грижа.

Знаеме што се причините за смрт за жените и новороденчињата во времето блиску до породување. Најголемите причинители за смрт кај жените се крварење, сепса, отежнато/попречено породување и еклампсија. Кај новороденчињата, главните ризици се задушување (тешкотии со дишењето), недоносеност и инфекции. Начините за проценување, лечење и спречување на овие причини за смрт се познати веќе со децении. Во многу случаи, едноставни постапки, како што се миење на рацете, стоплување на бебето преку контакт кожа-на-кожа или намалување на крвниот притисок кога е висок би значело елиминирање на опасностите.

Глобално, породувањето веќе не се случува толку често во домовите, туку во здравствените установи каде што квалификувано медицинско лице може да понуди побезбедна грижа. Ова би требало да значи подобра грижа и подобри резултати. Сепак, на многу места, поттикнувањето жените да раѓаат во здравствени установи, а не дома, не даде резултати во намалување на стапката на смртност. На премногу места установите не се во состојба да обезбедат дури ни најосновна грижа, како што е следење на крвниот притисок на жена која се породува, а во истовреме жените немаат никаква приватност, условите се нехигиенски и честопати односот на персоналот е несоодветен.

За да се постигне напредок во намалување на смртоноста кај родилки и новороденчиња, јасно е дека е потребно да се подобрат и зајакнат капацитетите и квалитетот на грижата кaј примарните здравствени установи надлежни за породување. Само, како да се направи тоа?

Последниве три години, организиравме едно од најголемите испитувања за родилки и новороденчиња во државата Утар Прадеш во Индија, за да видиме дали можеме да ја намалиме стапката на смртност со подобрување на квалитетот на грижа на примарните установи. Секоја од тие установи, во кои повеќето жени што живеат во близина се породуваат, имала во просек 3-4 породувања дневно, а повеќето од нив ги извршувале медицински сестри. Во просечната примарна установа, утврдивме дека соодветно миење на рацето е извршено пред помалку од 1 процент од породувањата, а само 25 отсто жени добиле соодветни лекови за спречување крварење по породување. Општо земено. 11 од 18 клучни практики при породување не се спроведувале.

За подобрување на работата и резултатите, не треба да го казнуваме или отпуштаме персоналот. Најчесто проблемите се појавуваат како резултат на недоволна организација и координација за да се осигури дека персоналот ги има потребните материјали, дека е соодветно обучен и има соодветен надзор. Не постои еден метод за кој се покажало дека може да направи големи разлики. Сепак, нашата теорија беше дека ако се подучат тимовите да ги спроведуваат клучните практики, тоа би било корисно. Обучивме една група на медицински сестри и лекари за тие да го подучат акушерскиот персонал и менаџерите да ги извршуваат најосновните чекори утврдени во Листата за проверка за безбедно породување на Светската здравствена организација, кои се: соодветни материјали и чекори за спречување инфекција, идентификација и лечење на висок крвен притисок за спречување еклампсија и соодветни лекови за спречување крварење.

Беше постигнат значителен напредок, но сепак не беше доволно. Се уверивме дека има видливо подобрување во квалитетот на грижата. Акушерскиот персонал и лекарите кои претходно извршуваа само седум од 18-те познати чекори со кои се спасуваат животи за време на породување по интервенцијата извршуваа 13. Покажавме дека е изводливо значително да се подобри квалитетот на грижата во средини каде има ограничени ресурси. Сепак, доказите покажуваа дека потребно е да се преземат повеќе чекори за да се постигне масовно намалување на стапките на смртност.

Напорот може да е тежок, дотолку што може да биде демотивирачки. Ефективните здравствени системи мора да бидат во можност да надоместат за скоро секој недостаток во грижата, вклучувајќи ги и недостатоците во материјали и опрема, основни вештини и способности и комуникација и врски со повисоки здравствени установи во случај кога има болни мајки и бебиња. Односите со менаџерите кои се здравствени професионалци и оние кои работат во први редови на обезбедување здравствена помош, како и тој помеѓу давателите на грижа и семејствата за кои работат, мора да биде полн со почит и поддршка. Тука нема заобиколување. Ова важи насекаде во светот, без оглед дали е тоа Флорида, каде што се породи Вилијамс, или во Утар Прадеш, каде што ја организиравме интервенцијата „Подобро раѓање“ (BetterBirth).

Како да дојдеме до овој стандард? Мислиме дека одговорот нема во голема мера да се разликува од она што ние се обидовме да го сториме. Треба да воспоставиме механизми за идентификување на пропустите во секоја установа и да ги подучиме лидерите и персоналот како да ги коригираат тие пропусти. Сепак, како што увидовме, и покрај тоа што на нашата основна листа за проверка беа наведени целите за подобрување и алатка за организирање и потсетување на луѓето за клучните чекори, потребни се поголеми напори за да се забрзаат промените, вклучувајќи финансиски ресурси, политичка волја и посветеност од лидерите, здравствените работници и заедницата за да се очекува напредок.

Досега не сме биле олку блиску до решавање на пропустите поради кои се случува најголемиот број на смртни случаи кај мајки и новороденчиња. Знаеме дека компликации при породување може да се случат секаде во светот. Добрата вест е тоа што знаеме што ни е потребно за породувањата да бидат побезбедни. За да се подобри здравјето и добросостојбата на мајките и нивните новороденчиња, мора да го пренесеме тоа знаење во реалноста во секоја установа ширум светот.

Кетрин Семрау (Katherine Semrau) е директор на програмата „Подобро породување“ (BetterBirth) на Ариадне Лабс, асистент професор по медицина на Факултетот по медицина на Харвард и епидемиолог во Одделот за глобална здравствена рамноправност во Болницата за жени и Бригам.

Атул Гаванде (Atul Gawande) е извршен директор на Ариадне Лабс, професор на Фактултетот Т.Х. Чен за јавно здравство при Харвард и хирург во Болницата за жени и Бригам.

Извор: Respublica