[Став] И јас сум Орце, и јас си ги сакам професорите

Обично токму ние учениците ја имаме практиката да си ги критикуваме професорите кога сме преплавени од тестови, ливчиња и секаков вид проверка на знаење. Но исто така, знаеме да искажеме почит, поддршка и разбирање во моменти кога најважното нешто на светот не е дали нашата оценка ќе се стави на тромесечие или 10 дена после него.

Ми се исполни срцето денеска, потпрена на еден столб од гимназијата гледајќи ја целата атмосфера на која професорите од „Орце Николов“ не останаа рамнодушни. И јас сум Орце. И јас си ги сакам професорите. И јас не сакам заменски, ги сакам нив, со соодветни услови за работа.

Ги сакам токму нив да седат од другата страна на школската клупа давајќи му на секое дете како мене, многу повеќе од обично предавање.Така размислуваа над 100 ученици, бивши и сегашни, што знаат како е да имаш прекрасни, посветени професори. Затоа, збирното место, гимназијата „Орце“, денеска во 12 часот се исполни со млади и стари луѓе кои им оддадоа почит на нивната професија и сите заложби за учениците.

Затоа „Орце“ секогаш ќе живее како гимназија каде односот професор-ученик е на завидно ниво. Настаните како денешниот се уште еден чекор до зацврстување на тие односи, нашата блискост и почит кон нив.

Пишувам поттикната од темата што распламти многу ставови, дебати, обвинувања.

Кога сме кај ставовите, учениците на „Орце“ беа јасни и со нивното излегување пред гимназијата денеска уште еднаш неминовно порачаа дека ги прифаќаат единствено нивните професори, токму тие кои си ги бараат сопствените права. Индивидуите кои се дел од нашите средношколски денови и градењето на нашиот живот, заслужуваат многу повеќе од денешниот симболичен настан. Се прашувате зошто? Затоа што даваат многу повеќе од обично предавање – даваат многу љубов. Затоа, „Орцашите“ им ја даваат безрезервната поддршка, а овој текст е само уште еден мал доказ за тоа.

Автор: Ивана Крстиќ