[Став] Инсектагедон: Земјоделството е покатастрофално од климатските промени

Пишува: Џорџ Монбио, колумнист на Гардијан

Која од следниве работи би ја посочиле како најприоритетно еколошко прашање? Климатските промени, аерозагадувањето, потрошувачката на вода, пластичниот отпад или урбанизацијата?

Мојот одговор е: ниту едно од наведените. Можеби звучи неверојатно, но верувам дека климатските промени се на третото место, пред две други теми кои добиваат многу малку внимание.

Ова не значи дека сакам да ја намалам опасноста предизвикана од глобалното затоплување. Токму напротив, тоа претставува закана по опстанокот. Едноставно сфатив дека други две нешта имаат поголемо и моментално влијание што ја притискаат, дури и оваа голема опасност, на третото место.

Првата е индустрискиот риболов, кој, насекаде на планетата Земја предизвикува системска еколошка пропаст. Втората е истребувањето на нечовечкиот живот од земјата преку земјоделството.

И, можеби, не само нечовечкиот живот. Според Агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации, според сегашното ниво на губење на обработливата земја, предизвикана од лошите земјоделски практики, ни остануваат уште 60 години за обработување на земјата. Овие податоци доаѓаат пред извештајот Global Land Outlook, објавен во септември, кој открива дека продуктивноста веќе опаѓа на само 20% од светските насади.

Влијанието врз дивиот животински свет од промените во земјоделието (и проширување на површините за обработка) е толку брза и голема, што претставува проблем го замислите опфатот на тоа што се случува. Студија објавена оваа недела во списанието Plos One, открива дека летечките инсекти кои се проучуваат во природните резервати во Германија се намалиле за 76% во последните 27 години. Најверојатната причина за овој Инсектагедон е дека земјата која ги опкружува овие резервати станала непријателска за нив – количините на пестициди и уништувањето на живиот свет ги претворило земјоделските површини во пустини за дивите животни.

Неверојатно е дека треба да се засноваме на студија од Германија за да го увидиме тоа што веројатно се случува низ целиот свет, но, повеќегодишни истражувања од овој вид едноставно не постојат на друго место. Тој поразителен факт ги отсликува искривените приоритети во финансирањето на науката. Нема крај на грантовите за истражување како да се убијат инсектите, но нема средства за проучување на последиците од нивното убивање. Наместо тоа, науката е оставена, како во случајот со Германија, на истражувањата на аматерски натуралисти.

Но, секој од мојата генерација (во втората младост) може да ја види и да ја почувствува промената. Се сеќаваме на роевите молци како ги исполнуваат светлосните зраци кои излегуваат од предните светла на автомобилите од нашите родители во летните ноќи (овековечени во прекрасната истоимена книга на Мајкл МекКарти). Секоја година собирав десетици видови гусеници и ги набљудував како растат, пупат и како се претвораат во пеперутки. Оваа година се обидов да најдам неколку гасеници за да можат да ги набљудуваат моите деца. Го поминав целото лето во барање, и покрај неколку бели ларви на нашите насади со брокула, не најдов ништо освен една тигреста ларва. Токму така – една гасеница во една година. Едвај можев да поверувам од тоа што го гледам, или подобро кажано – од она што не го гледам.

Инсектите, секако, се клучни за опстојување на останатиот животински свет. Од она што го знаеме сега, не треба да зачудува катастрофалното намалување на бројот на птици кои се хранат со инсекти. Тие летечки инсекти – кои не се само пчелите и осоликите муви, туку видови од многу различни животински семејства – се опрашувачи, без кои огромен дел од растителниот свет, и култивираниот и некултивираниот, нема да преживее.

Овие чуда на животот на планетата исчезнуваат пред нашите очи.

Добро, ве слушам како велите – мораме да го нахраниме светот. Да, но не на овој начин.

Како што објаснува мартовскиот извештај на Обединетите Нации, тврдењата дека пестицидите се неопходни за исхрана на растечката популација се мит. Скорешна студија во Nature Plants открива дека повеќето фарми можат да го зголемат производството доколку го намалат користењето на пестициди. Студија во списанието Arthropod-Plant Interactions покажува дека, колку повеќе се користат неоникотиноидните пестициди за третирање на насадите со маслодајна репка, толку повеќе овие насади се намалуваат. Зошто? Затоа што пестицидите штетат или ги убиваат опрашувачите од кои зависат овие насади.

Земјоделците и властите беа сеопфатно лажно убедувани од страна на глобалната индустрија на пестициди. Тие се осигураа дека нивните продукти нема да бидат соодветно регулирани, како и тоа да не бидат соодветно проучени во реални услови. Огромното медиумско бомбардирање од оваа индустрија не излажа сите околу нивната корисност и нивните влијанија по здравјето и на луѓето и на природниот свет.

Профитот на овие компании зависи од екоцидот. Дали да им дозволиме да го држат светот во заложништво, или ќе признаеме дека опстојувањето на живиот свет е поважен од заработувачката на нивните акционери? Во овој момент, акционерите се на првото место. И тоа нема да значи ништо доколку ги загубиме живите организми од кои зависи нашиот опстанок.

За да се спасиме самите и остатокот од живиот свет, треба да го направиме следново:

  1. Потребен ни е глобален договор за регулирање на пестицидите и производителите да се вратат таму каде што е нивното место.
  2. Потребни ни се проценки за влијанието на земјоделската индустрија и индустријата на риболов врз животната средина. Неверојатно е дека, и покрај тоа што овие сектори претставуваат најголема закана по живиот свет, тие и понатаму, едногласно, во повеќето земји, не се подложни на таков надзор.
  3. Ни требаат цврсти правила, засновани на резултатите од овие проценки, кои ќе бидат обврзувачки за оние кои ја користат земјата – да ги заштитат и да ги обноват екосистемите од кои сите ние зависиме.
  4. Треба да го намалиме количеството на земја која се користи за земјоделство, додека производството на храна ќе се одржи. Најочигледниот начин за да се направи тоа е намалување на нашето користење на добиток. Голем дел од насадите кои ги одгледуваме и сите пасишта кои ги користиме се за прехрана на добитокот. Една студија во Британија сугерира дека доколку престанеме да употребуваме животински производи, секој човек во Британија може да се прехрани од само 3 милиони хектари, наместо од 18,5 милиони хектари кои во моментов се користат за земјоделие (или на 7 милиони хектари доколку целокупното земјоделство е органско). Ова би ни овозможило да создадеме голем див животински свет и залиха на почва – инвестиција против ужасната иднина.
  5. Треба да престанеме да ја користиме земјата, на која треба да се одгледува храна за луѓето, за одгледување пченка за биогас и гориво за автомобилите.

Само тогаш, природата и луѓето ќе земат краток здив од глобалното уништување. И, се надевам, шанса да го преживеат векот.

Автор: Џорџ Монбио за Гардијан