[Став] Хронологија на една љубов

Ова писмо не е наменето никому. Кој сака, нека го прочита.

До мојата дваесетта година, сите (без исклучок сите) лета со семејството одевме на летен одмор на Преспанско и Охридско Езеро. Го знаев тој предел како сопствената дланка. Плажите, проѕирната вода, зајдисонцата, вечерната свежина, Галичица, реката Црн Дрим, Изворите на Св. Наум. Волшепство. Ја имав таа среќа моите родители да знаат да ми објаснат колку се важни езерата. Не паметам колку бев мала кога веќе знаев дека Охридското Езеро е најстарото во Европа, дека се храни од водите на Преспа или дека пастрмката е ендемски вид. Со сестра ми нè однесоа повеќе пати во Хидробиолошки завод да видиме како растат малите пастрмчиња за порибување и во Природонаучниот музеј во Струга каде што уште ги паметам старите витрини и препарираните животни во нив. Сумарно, сите тие години направија да се вљубам во Охридско-Преспанскиот регион, љубов која трае и трае, од оние љубови кои прават да гориш од внатре и да ти се насолзуваат очите…

Во 2015 г. открив дека постои група на активисти под името Охрид SOS. Им се приклучив. Мојата љубов кон Охрид прерасна во активистичка борба. Секојдневно посветував време, некогаш и цел ден на „каузата”. Охрид заслужува да се сака, да се чува и да се одбрани од уништувањето, од урбанизација, од личните интереси на оние кои не ја знаат неговата вредност или едноставно не го сакаат. Тоа е мисла што ме следи секој ден. Што и да правам, каде и да сум. Со таа мисла легнувам и со таа станувам. Во тој период, Охрид SOS стапи во контакт со европскиот огранок на SWS (Светското здружение на научници за блатни екосистеми) и бевме поканети да учествуваме на нивниот годишен конгрес кој таа година беше во Потсдам. И не само да се сме присутни, туку да одржиме 20 минути предавање. Колкава чест и колкава одговорност! Паметам како ја подготвував таа презентација и со колку ентузијазам зборував пред тие експерти. Јас сум биолог/биохемичар и тоа е сосема доволно да можам да пишувам и зборувам за екологија без многу пропусти и нелогичности, но притисокот беше присутен и како облак лебдеше околу мене бидејќи не сум експерт и мојот последен контакт со екологија беше пред 15 години. Помина одлично. Се создаде врска со SWS засекогаш. Раководството на европскиот огранок на SWS беше воодушевено од нас, од нашиот ентузијазам и од нашата неуморна работа, без паричен надомест, без никаква позадина, без скриена агенда.

Тогашниот претседател на SWS, уште еден член на Охрид SOS и јас напишавме заедно научен труд за Студенчишкото Блато. Веројатно тоа беше првиот сеопфатен научен напис фокусиран на Блатото што некогаш бил објавен. Но, ова беше само почеток. Следната, 2017 г., конгресот се одржа во Фаро, Португалија. Подготвивме труд за Блатото во соработка со Универзитетот во Валенсија во кој преку изучување на сателитиски снимки анализиравме како се менувала површината на Блатото во изминатите години. Одењето во Португалија не беше лесно. Бев седми месец бремена. Сите велеа не патувај, ризично е. „Не, мора да се оди“ си мислев, мора да се лобира. Во Фаро зборував со двајца експерти на Рамсар и се понудија за помош околу процесот на номинација на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато како Рамсарско подрачје. A SWS веќе и отворено ни станаа „сојузници“. Иако имаше и други градови-кандидати, со гласање SWS се договорија наредната, 2018 г., конгресот да се одржи во Охрид. Блескав од среќа. Како сега паметам како седев на брегот во една кафетерија, гледав во морето, а срцето ми чукаше 200 на час.

Во мај 2018 г., околу педесетина врвни научници се собраа во Охрид и го посетија Блатото. Згора, изготвија и едногласно усвоија Декларација за заштита на екосистемот на Охридското Езеро со посебен акцент на Студенчишкото Блато и на нужноста од негова заштита. Изгледаше дека, иако со задоцнување, до крајот на 2018 г. Охридското Езеро и Студенчишкото Блато ќе се номинираат како Рамсарско подрачје. Но, не. Започна бескраен процес на дописи со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Македонскиот рамсарски комитет (МРК) кој еве уште трае. Откако видовме дека МРК не е волен да ја подготви документацијата (поради комбинација од мрза, неспособност, суета, лични интереси и сл.), во Охрид SOS се нафативме, ја подготвиме документацијата. Колосална работа. 90 страници. Не само тоа, туку и ја пративме до седиштето на Рамсар каде што ја прегледаа и нè известија дека е сосема задоволителна, но неопходно е МЖСПП официјално да ја поднесе, граѓански здруженија и неформални активистички групи немаат право на тоа. Ги известивме и МЖСПП и МРК дека единствено што треба е да го поднесат до Рамсар документот што ние им го спремивме, а кој од седиштето на Рамсар го одобрија. Но не, МЖСПП и МРК се поголем папа од папата… Еве, скоро сме декември 2019 г. и ништо од номинацијата за Рамсар. Што е уште пострашно, за да биде Рамсарско подрачје, еден локалитет треба да исполнува само еден од деветте критериуми на Рамсар, а Охридското Езеро и Блатото ги исполнуваат сите девет критериуми!

Господа бирократи, ве жалам. Жалам за вашето празно и бесцелно постоење. Еден ден ќе ве снема, ќе ве заменат со други и ќе ви остане чувството дека не направивте ништо посебно, дека испуштивте неповратни шанси. А можеби и ќе ви биде сеедно бидејќи вас не ве води љубовта, онаа безусловна љубов која трае и трае, од оние љубови кои прават да гориш од внатре и да ти се насолзуваат очите…

 

Надежда Апостолова, активистка на Охрид ЅОЅ и универзитетска професорка