[Став] „До балчак“: банално и здодевно

Дивата, крвава и егзотична Македонија од почетокот на 20-от век не е првпат инспирација за создавање возбудливи филмски приказни во современата македонска кинематографија. Рецептот го знаеме: се прави филм во кој се испреплетени сурово насилство и крв, љубовна приказна (по можност со повеќе од двајца актери) и македонското национално прашање, со сета негова сложеност.

[Став] „До балчак“: банално и здодевно

Не е тешко да се претпостават мотивите за одлуката повторно да се посети познатиот терен на турскоропскиот дел од нашата историја. Авторите (веројатно и финансиерите), играјќи на сигурно, ги употребуваат истите видени елементи кои треба на филмот да му донесат популарност кај домашните гледачи, а во исто време да го направат препознатлив и привлечен за светската публика, запознавајќи ја со наследството и со историјата на Македонија.

Споредбите со „Прашина“ на Милчо Манчевски се неизбежни. Таму тој веќе ги експлоатира овие поставки и го создаде „македонскиот вестерн“. Столе Попов овде практично ја прави истата работа – главната разлика е во тоа што, „До балчак“ сепак покажува поголема претенциозност, а успева да постигне помалку од филмот на Манчевски, особено во оригиналноста и во спонтаноста.

[Став] „До балчак“: банално и здодевно

Највисока точка на „До балчак“ се неговото беспрекорно визуелно пакување и чувството на квалитетна, светска продукција што се добива кога се гледа филмот. На моменти во него се појавуваат и фрагменти од некоја симпатична стрип-естетика, што делува свежо и надежно и добро му доаѓа на филмот. Треба да се спомнат и впечатливите улоги на Сенко Велинов, Драган Спасов-Дац, Мики Манојловиќ, Владо Јовановски и Ана Костовска. Сепак, ова е далеку од доволно за да се покријат бројните слабости и недоречености на овој филм, видливи и за гледачите кои не се сметаат себеси за големи филмофили.

Приказната е во најдобар случај „млака“. Годината е 1907. Младата и љубопитна Англичанка Тереза (во добра изведба на словенечката актерка Инти Шрај), маѓепсана од привлечноста на Дивиот Исток, тргнува со својот пријател Филип, Македонец (Мартин Јорданоски, шармантно неубедлив) на пат кон Македонија. Нејзината балканска авантура набрзо се претвора во напнат љубовен четириаголник, во кој заедно со неа се еден комита (Сашко Коцев), еден брутален турски офицер (солидниот, ама веќе виден Тони Михајловски) и споменатиот Филип, македонски студент во Париз, со европски гледишта и манири.

Низ многу (и во квалитет и во квантитет) крв, насилство и сцени со пукање, животните дилеми и предизвици на четворицата занимливи ликови почнуваат да се поврзуваат, во специфичната атмосфера на историскиот момент. Потенцијалот на овој заплет, меѓутоа, набрзо се издушува под притисокот на баналноста на дијалозите и на клишеата кои се појавуваат ужасно често – од сцена во сцена. Обидите за духовитост завршуваат со изнасилени демонстрации на евтин и приземен, „народски“ хумор. Неизбежната политичко-пропагандна нота, која последниве години стана составен дел од сите филмови кои ги финансира државата, се појавува и овде, во не толку дискретни (некој би рекол и перфидни) моменти:

Тереза: – „Не“ на грчки значи „да“.

Крсто: – Па кај нив се е наопаку.

[Став] „До балчак“: банално и здодевно

Филмот, замислен како историска приказна, покажува слабости и кај автентичноста – дел од актерите изговараат реплики („Не заебавај“, меѓу другите) со тежок скопски современ акцент, кој не оди најдобро во пасторалниот амбиент на Македонија од пред 100 години.

Сцените со пукање, кои ги има во изобилство, се рамномерно распоредени низ долгите 165 минути, колку што трае „До балчак“, што заедно со силното кино-озвучување може да се покаже како згодно во моментите кога дел од публиката ќе задрема, зашеметена од баналноста со која дише овој филм. Всушност, гледајќи го, имав чувство како да слушам пејач кој има многу желба и волја за вежбање, но послабо стои со талентот. Гледаме дека тој и премногу се труди, но резултатите се секогаш ограничени.

И „До балчак“ прави напор, ама јалов. Нашиот „кандидат за Оскар“ може да им се допадне само на гледачите кои никогаш не гледале подобри филмови. Сепак, сите треба да одиме во кино на „До балчак“. Така ќе помогнеме да се соберат пари и на екипата барем да и се исплатат задоцнетите, но заслужени хонорари.

Жарко Настоски