[Став] Десет препораки за спречување на корупцијата во високото образование во Македонија

Истражувањата покажуваат дека студентите на државните универзитети веруваат дека корупцијата е честа појава на нивните универзитети. Студентите биле принудени да купат учебник или им биле побарани пари за да може да положат, биле сведоци кога студент користи познанства со професор за повисока оценка, но и самите учествувале во плагијаризам. Борбата против корупцијата треба да опфаќа мерки со кои ќе се влијае на повеќе нивоа и ќе се опфатат што повеќе засегнати страни.

Образованието претставува исклучително важна јавна област. Се работи за сектор кој има неколку функции, од кои најважни се продукцијата на работни кадри и идни лидери, и градењето етички и морални вредности кај младите, како и нивните сфаќања и погледи кон светот (Heyneman, 2004). Во контекст на последиците од корупцијата во високото образование, постои опасност од подучување на членовите на академската заедница, особено студентите, да употребуваат коруптивни дејствија со цел поголем успех, и создавање практика дека ваквите појави се вообичаен начин на функционирање во општеството. Со ова не само што се создава голем проблем во академската заедница туку и во сите останати сфери каде што нејзините членови учествуваат.

Земајќи ги предвид извештаите на Европската комисија од изминатите седум години, забележливо е констатирањето на високиот степен на корупција во јавниот сектор. Затоа, една од исклучително важните области преку која може да се влијае на намалувањето на корупцијата во Македонија, е токму високото образование.

За степенот на неетичките појави во академската сфера говорат неколку факти.

Имено, според истражувањето „Ќе има ли свиркачи на Универзитетите“ спроведено од Институтот за стратешки истражувања и едукација од 2016, дури 46 проценти од студентите на државните универзитети во Македонија веруваат дека корупцијата е честа појава на нивните универзитети. Од формите кои најчесто ги препознаваат, 38 проценти биле принудени да купат учебници за конкретен предмет за да може да положат, 23 проценти велат дека им билe побарани пари за да положат испит или за да добијат повисока оценка, а на 8 проценти им била побарана сексуална услуга за положување испит или добивање повисока оценка.

Според „Регионално истражување за перцепцијата за корупција во високото образование“ спроведено од Младинскиот образовен форум во 2013 година, половина од студентите на УКИМ (51,2 проценти) велат дека значително или многу голема е застапеноста на непотизмот на нивниот универизитет, скоро 30 проценти директно учествувале или биле сведоци на појавата студентот да користи познанства со професорот за да добие повисока оценка или за да положи испит, а 26,4 проценти од студентите директно искусиле професор да го користи своето влијание за студентот да се запише на факултет.

Што се однесува до директните искуства на студентите со мамење на испити, 48,6 проценти од нив мамеле или познаваат таков случај, 33,1 процент имаат искуство со пишување на туѓи трудови, а 23 проценти од студентите забележале дека професор прави плагијат.

Борбата против корупцијата опфаќа поширок спектар на активности кои треба да ги применуваат сите актери во високообразовните процеси. Се работи за процеси кои се мултисекторски и бараат истовремена употреба на разновидни мерки со кои ќе се влијае на повеќе нивоа и ќе се опфатат што повеќе засегнати страни.

1. Носење стратешки документи за финансирање на високото образование

Во Македонија, иако тоа законски е предвидено, се уште не се донесени никакви стратешки документи за финансирање на високото образование. Исто така, не е формиран Советот за финансирање на високото образование. Во вакви прилики, делумно се користат мерилата и критериумите кои се донесени во Самоуправната спогодба од 1988 година, кои се сообразни со различно политичко и економско уредување на државата. Од тука, во Македонија се применува застарена формула на финансирање на високото образование, која значително влијае на квалитетот на кадрите кои излегуваат од универзитетите, и која не соодејствува со модерните потреби кои произлегуваат од ЕКТ системот.

Неадекватното финансирање на универзитетите значително влијае на развојот на коруптивни практики во академската заедница. На пример, поради незадоволство од висината на платите или други бенефиции, членовите на академската заедница посегнуваат по алтернативни извори на средства, како на пример поткупот.

Затоа еден од најважните сектори на кои треба во најбрз можен рок да се работи е токму финансирањето на високото образование. Ова подразбира носење на стратешките документи предвидени со Законот за високото образование како Програмата за високообразовна дејност и Уредбата за мерилата и критериумите за финансирање на дејноста на високообразовните институции кои се однесуваат на финансирањето на ВО, наоѓање адекватна и современа формула за финансирање на високообразовните институции и задолжително активирање на Советот за финансирање на високото образование.

2. Унапредување на работата на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование и спроведување на надворешни евалуации

Според извештајот на Државниот завод за ревизија, до 2011 година функционира Одбор за акредитација на универзитетите. Иако пости законска обврска за формирање на посебна Агенција за евалуација на работата на универзитетите, истото не се случува. Со законските измени на Законот за високо образование во 2011 година, овие две тела се спојуваат во едно, кое има задача да издава одобренија за работа на високо образовните институции, но и да ја мониторира нивната работа според однапред зададени критериуми.

Сепак, од тогаш па до сега ова тело нема издадено ниту еден извештај преку кој се оценуваат состојбите во оваа сфера. Иако постои квалитетна подлога за вршење на оваа дејност (преку правните акти кои детално ги уредуваат индикаторите за ефективно и ефикасно работење), тоа не се случува. Ова значи дека во нашата земја не постои систематизиран и континуиран надзор на работењето на универзитетите од страна на државата.

Она што е многу важно да се спомене е и составот на членовите на Одборот. Така, треба да се внимава дали членовите навистина учествуваат во работата поради своите компетенции во областа, или пак се работи за добивање позиција поради своите блиски познанства или слични ставови со политичките партии на власт или останати актери кои имаат влијание во нивниот избор. Според сегашните одредби, од 23 членови, девет се од редот на професорите избрани од Интеруниверзитетската конференција, два члена од Македонската академија на науките и уметностите, еден претставник на најрепрезентативното тело на работодавачите, два членa од интеруниверзитскиот парламент на студентите и девет члена именувани од Владата, од кои најмалку шест се од редот на професорите на високообразовните установи. На линија на горекажаното, во 2015 година, кога беше особено актуелна дебатата за екстерното тестирање на факултетите и беше направен избор за нови членови на Одборот, доминантни беа професорите, академиците и студенти кои јавно ги поддржуваа владините ставови.

Без објективно и независно работење, постои сериозна опасност Одборот да стане соучесник во корумпираниот образовен терк и наместо да даде придонес за сузбивање на криминалните појави, ќе помогне во развивањето на неморалот и нелегалното збогатување на учесниците во коруптивните процеси.

3. Воведување на темата за корупција во образованието во акциските планови на Државната програма за превенција и репресија на корупцијата

Во Државната програма за превенција и репресија на корупцијата 2015 – 2019, темата за корупција во образованието воопшто не е застапена, за разлика од претходната програма за периодот 2011-2015 каде оваа тема беше одделно третирана. Заради продолжување на динамиката и континуитетот на спроведување мерки за спречување на корупцијата во високото образование потребно е да се внесат конкретни мерки во годишните акциски планови кои ќе се однесуваат на оваа сфера. Во отсуство на вакви мерки, може да се заклучи дека постои отсуство на државна стратегија за спречување на корупцијата во образованието.

Покрај ова, потребни се и сериозни напори за исполнување на предвидените активности од страна на самите институции. За илустрација, од предвидените мерки во Стратегијата 2011 – 2015реализирани се само 3, односно 14 проценти од вкупниот број мерки во овој сектор. Од останатите одговори доставени од надлежните актери во спроведувањето на програмата, се согледува дека 57 проценти од активностите не се реализирани, а извршувањето на 29 проценти од мерките било во тек во 2015 година.

Во насока на ова, потребна е и поголема активност на комисијата во поглед на наодите на Државниот завод за ревизија.

4. Консултирање на наодите од Државниот завод за ревизија од страна на универзитетите и надлежните институции

Еден од ретките јавни извори на податоци во поглед на финансиите во оваа сфера се извештаите на Државниот завод за ревизија. Конкректни нерегуларности со управувањето на финансиите можат да сигнализират случување на корупција во академските кругови. За разлика од коруптивните активности кои директно ги вклучуваат студентите како учесници (според Халак и Поисон, 2007, т.н. секундарна корупција која има помали економски импликации како, на пример, поткупот при добивање легло во студентски дом или непотизмот при добивањето на асистентска или професорска позиција), преку анализа на извештаите на ДЗР се добиваат информации за нерегуларности каде како актери се јавуваат државни службеници од висок ранг и претставници на власта и(ли) лица од раководните позиции на високообразовните институции. Кај ваквите коруптивни активности постои опасност од поголеми негативни ефекти врз економскиот развој, а вклучуваат повисоки трансакции и добивки (на пример, малверзации во процедури за јавни тендери за изградба на објекти за високообразовните институции или преферирање на издавачки куќи за печатење учебници).

Анализирајќи ги извештаите на ДЗР во периодот од 2002 година до 2015 година, забележани се низа нерегуларности како на пример нераспишување на повик за јавни набавки при купување продукти или наем на услуги, иако постои законска обврска за тоа; при издавање недвижен имот под закуп не се почитуваат правилниците кои ја регулираат оваа област; учество на академски и административен кадар во посебни комисии и добивање паричен надомест за тоа, со одлука на декан, а без претходна консултација со Наставно-научниот совет; недостаток од докази за објективноста на потребата од ангажирање на демонстратори и надворешни предавачи за изведување на настава/вежби на додипломските студии и нивна исплата; избирање на понудувач на повик за јавни набавки, кој не е прворангиран на листата за економски најповолни понуди итн.

Сите овие нерегуларности претставуваат индикатор за потенцијални коруптивни дејствија, и треба да бидат адекватно адресирани како од страна на надлежните институции, така и од самите високообразовни институции.

5. Составување критериуми за следење и детектирање на корупцијата на универзитететот и факултетите

Универзитетите, но и МОН, треба да пристапат кон изработка на индикатори преку кои ќе ги следат потенцијалните области каде најчесто се случува корупцијата и појавите кои може да сигнализираат случување на корупција на универзитетот и одделните единици (пр. тренд на често добивање на ниски оценки на сите студенти по одреден предмет, или често отсуство на професор на предавања кое може да сигнализира дека одредени кадри добиваат плата но не ја вршат функцијата итн.). Се работи за документ во кој концизно ќе бидат запишани сите можни видови коруптивни дејствија, вклучувајќи ги активностите кои ги иницираат студентите, професорите, административните работници, раководните лица и државните функционери, ризиците за нивното случување, показателите за секое одделно дело, и потенцијалните мерки за нивно спречување. На овој начин, со точни и јасни показатели ќе може да се влијае на спречувањето на коруптивните дејствија, односно реагирање пред да се случи недозволено дејствие.

6. Формирање на Совети на честа

Honour councils или Совети на честа се тела кои се сретнуваат кај развиените и успешни универзитети во Западна Европа и Америка. Тоа се тела кои се составени од студенти, професори и други вработени на универзитетот, како и надворешни експерти, и кои имаат за цел зачувување на моралот и етиката на Универзитетот.

Имено, статистиките покажуваат дека на универзитетите на кои има ваков вид органи, нивото на академска нечесност е пониско. Земајќи ги предвид веќе споменатите истражувања на оваа тема во Македонија, на нашите универзитети им недостига орган/тело чија примарна задача ќе биде унапредување на односите на универзитетот и менување на состојбата со нечесните појави.

Ова тело треба да се грижи за донесување, унапредување и спроведување на Етичките кодекси, како и нивна промоција.

Формирањето на вакво тело ќе придонесе и за создавање пракса за работа на оваа тема, а ќе влијае неговие членови да стекнат специфични знаења во областа. Исто така, овој совет, освен што би се занимавал со унапредување на правната рамка на универзитетот, би можел и да служи како примарен иницијатор на антикорупциски кампањи и да истакнува позитивно решени случаи (со цел охрабрување на останатите да пријават корупција), но и да нуди правни совети во случаи кога членовите на академската заедница имаат дилеми во поглед на одредена форма на корупција.

7. Избор и зајакнување на студентските правобранители

Според анализите, во моментов на ниту еден од државните универзитети не постои Студентски правобранител, иако Законот за виско образование ја предвидува оваа функција како заштитник на правата на студентите.

Неопходно е високообразовните институции посериозно да пристапат кон овој механизам, кој има круцијална улога не само за заштита на правата на студентите, туку и во насока на градење на нивните пошироки сфаќања за општествените вредности. Студентските правобранители можат да имаат исклучително важна улога во борбата со корупцијата од неколку аспекти – советување на студентите, навремено детектирање на појавите, регистрирање на случаи и обезбедување на релевантни статистики, популаризирање на останатите институции кои работат во областа, како на пример, Државната комисија за спречување корупција и Државниот просветен инспекторат, застапување на студентите во управните тела итн.

8. Спроведување на квартални истражувања за корупцијата на Универзитетите

Еден од најважните сегменти од детектирањето на корупцијата во високото образование е постојаниот мониторинг на состојбите на терен. Така, потребно е советување на раководството на универзитетите/факултетот со студентите, како корисници на услугите на овие институции. Оваа препорака се однесува на самите високоообразовни институции кои треба да пристапат кон спроведување на анонимни прашалници (секој семестар) преку кои ќе се утврди дали студентите се принудени на коруптивни дејствија од страна на професорите. На овој начин, може да се забележи неморално однесување на некој професор кого студентите се плашат да го пријават кај надлежните. Исто така, на овој начин може да се влијае и на запознавање на студентите со овој поим, како и со делата кои се сметаат за корупција.

9. Организирање на антикорупциски кампањи на универзитетските кампуси

Универзитетите, Министерството за внатрешни работи, Комисијата за спречување корупција, Државниот просветен инспекторат, студентскиот правобранител, студентските организации и активисти треба континуирано да организираат кампањи преку кои студентите ќе се информираат како да препознаат и превенираат коруптивни дејствија. Ова особено затоа што чест е случајот кога студентите се запознаени со терминот корупција и препознаваат еден вид коруптивно дејствие, но тоа не е случај со поголемиот спектар коруптивни дејствија кои се случуваат во високото образование. Антикорупциските кампањи треба да опфатат повеќе активности како поставување постери кои содржат информации што е корупција и каде да се пријави на видливи места на факултетите, изработка на ТВ и радиореклами, тематски јавни трибини, герила акции итн.

Дополнително, ваквите активности можат да бидат продуктивни во насока на запознавање на студентите со претставниците на институциите кои работат во оваа област и стекнување меѓусебна доверба која може да води кон поголемо активирање на студентите за решавање на проблемот со корупцијата во образованието.

10. Користење на капацитетите на студентите во детектирањето и спречувањето на коруптивните појави

Високообразовните институции треба да ги мотивираат и ангажираат студентите да учествуваат во работењето на установите и заедничкото унапредување како на образованието така и на општествените појави.

Тука треба да се земат во предвид и студентските организации и неформалните движења. Универзитетите треба да гледаат на студентските организации како активни чинители во академската заедница со кои преку заедничка соработка може да влијаат на сферите кои се од значење на студентите. Студентските организации можат да ги поттикнат и да ги мотивираат своите колеги да пријават случај на корупција кај нив или кај студентскиот правобранител. Дополнително, тие можат да служат како морална поддршка при водењето дисциплински, па дури и судски постапки против професор или друг член на академската заедница. Од друга страна, студентските организации можат да помогнат и при организирањето на едукативни предавања, кампањи, средби и да допрат до поголем број на студенти за разлика од самата институција.

м-р Александра Живковиќ

*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.