И покрај лагите кои некои политичари ги продаваат, фактите уште се важни, а точното сфаќање на тие факти е од пресудна важност за опстанок. Го знам ова затоа што често ги гледам смртоносните последици од погрешно разбраните факти.
Јас сум бихевиористички еколог, проучувам како животните го проценуваат и управуваат со ризикот од грабнување. Но, наместо да ги проучувам интересните грабливци – со нивните остри заби, со нивното прикрадување и импресивните способности за брзо трчање – јас се концентрирам на нивната храна.
Некои валабија лошо ги користат фактите. Премногу често, овие четириножни лесни оброци ги занемаруваат информациите што стојат пред нив – како што е шушкање во грмушките или мирисот на месојадецот. За ваквото незнаење, валабијата плаќаат висока цена, со ненадејно сечење од канџи или со силен стисок на моќна вилица.
Сепак, моето истражување покажало дека многу животни кои можат да завршат како оброк – меѓу кои се мрмотите, птиците, гуштерите, рибите и неподвижните морски без’рбетници – се подобри во проценување ризик. Во 1979 година, екологистите Ричард Докинс (Richard Dawkins) и Џон Кребс (John Krebs) го предложиле „принципот живот-вечера“, кој претполага дека животните кои се плен и кои се изложени на поголем ризик од грабливците, се покреативни во нивниот опстанок. Ризикот да бидеш изеден – а со тоа и да не можеш да ги пренесеш гените во наследство – претставува силна мотивација да се подобриш. За грабливецот, единствената последица од можниот неуспех е да остане гладен до следниот оброк.
„Принципот на живот–вечера“ го гледаме насекаде околу нас. Кога крајбрежните птици или патките се собираат во јато кога некое куче ќе се стрча кон нив на плажата или крај некое езерце, тоа се случува затоа што птиците разбираат дека се побезбедни кога се побројни. Луѓето го прават истото. Ние се чувствуваме повознемирени, на пример, кога сурфаме сами, бидејќи знаеме дека, ако во крајно редок случај некоја ајкула реши да посака оброк составен од фиберглас и неопрен, нашите шанси за преживување се поголеми кога ајкулата би имала можност да избере повеќе од една мета.
На луѓето, исто како и на животните, им се потребни сигурни и вистинити податоци за да можат да донесат добри одлуки. Еднаш, додека ги проучував мрмотите во планинскиот венец Каракорам помеѓу Кина и Пакистан, за малку ќе загинев зашто не ги знаев доволно фактите. Катаклизмичната бура со дожд и свлечишта на земјиште спречија секаков пристап и излез од местото кадешто го вршев проучувањето, а јас останав дезориентиран кога се обидував да си заминам. Како што се влошуваа условите, беше невозможно да смислам стратегија за заминување.
Бидејќи се борев со тифусна треска и имав многу истражувачка опрема со себе, едноставно немав доволно енергија да минам километри и километри пеш, низ камења и кал. Само неколку дена подоцна, кога невремето заврши и кога можев да си заминам оттаму, сфатив дека сите достапни информации за патиштата и алтернативните рути што ги користев беа многу бескорисни.
Секој научник кој држи до себе мора да преиспитува сè и мора со сомневање да ги согледа општоприфатените мудрости, но сепак е можно да направи предвидувања, да дизајнира експерименти и да собира податоци и откако ќе ги анализира тие податоци да донесе заклучоци со кои се поткрепува или се побива првичното предвидување. Како што напредува науката, ние учиме со тоа што постојано ги преиспитуваме постоечките претпоставки со свежи фактички информации. На овој начин, ги тестираме и усовршуваме нашите идеи додека не добиеме заклучок кој не може лесно да се побие. Ова го нарекуваме нашата „откриена вистина“.
Сепак, откриената научна вистина секогаш подлежи на нови анализи, ново детално проучување и ново толкување. Таа секогаш се смета како привремена – наместо да стане целосно прифатена догма.
Кога научниците и општата јавност ќе отфрлат добро поддржана хипотеза со наведување на т.н. алтернативни факти, поддржани само со емоции или лично уверување (пост-вистина во политички жаргон), ние пропуштаме важна можност да ја зајакнеме нашата анализа. Кога од прв поглед ги отфрламе написите со проверени факти од реномирани извори на вести, нарекувајќи ги „лажни вести“, ние пропуштаме прилика да користиме докази за поддршка на нашите заклучоци. Во политиката, како и во науката, кога нема да ја прифатиме откриената вистина, ја зголемуваме веројатноста за катастрофално лоши исходи.
Луѓето опстанале затоа што нивните предци добро ги осознале фактите, слично со крајбрежните птици што се собираат во јато кога се појавува опасност. Во сите аспекти од животот треба да инсистираме на научен процес во кој одлуките се засноваат врз акумулирани опсервации. Ако и кога ќе има доволно докази за поддршка на некој заклучок, ние треба да го прифатиме истиот. Тековната и самокритична анализа е од суштинско значење, но само во случај кога се презентираат нови идеи, нови докази или нови експериментални методи.
Ако луѓето се однесуваат како валабите, кои се наивни за грабливците, и ако и тие го занемарат шушкањето во грмушките, нема да го избегнат гинењето. Тоа всушност е сигурен пат до изумирање.
*Даниел Т. Блумстајн е професор на Катедрата за екологија и еволуциска биологија на УКЛА и на Институтот за животна средина и одржливост на УКЛА. Неговата последна книга, на која заеднички уредник е Вилијам Е. Купер, помладиот, е Escaping From Predators: An Integrative View of Escape Decisions
Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.