[Став] Благодарност до волонтерите и Армијата, клоца за „координираните“ институции

Ќе биде ова еден малку поопширен текст во врска со случувањата околу поплавата. Досега не можејќи да излезам од дома, по цели три дена непрекината работа, сега наоѓам малку време за да опишам што се случуваше таа кобна ноќ и деновите потоа.

Веќе сите знаат дека сè се случи за помалку од 5 минути. Таа маса на вода ништо не можеше да ја запре, само се гледаше да се спаси жива глава. Едвај успеав да ги извадам моите мајка и сестра од собите, пливаш во сопствениот дом и во моменти се губиш во водата. Си потонал, а во исто време слушаш пискотници од моите родители кои веќе скоро и да потонуваа. Имаше 2.20 метра вода, цела покуќнина, сè е уништено. Буквално сè, од лични документи до облека и сè останато.

Фала му на бога што сите сме здрави и живи, но она што потоа се случуваше е за кажување и раскажување. Пред сè, во однос на тоа како се помагаше и санираа штетите, како и најглавното – како се координираше помошта од државата и останатите ни институции (ако може така да се наречат).

Се направи пункт во самото школо ООУ„25 Мај“. Се носеа вода, продукти и сè останато во самото школо, што од фирми, што од самостојни донации на луѓе. Е тука веќе почнува голготата наречена донации и хуманитарна помош. Од една страна се внесуваат производи, од задна страна се вадат со комбиња. А народот стои и чека за помош, никој ништо не дава освен вода и леб. А имаше од сè по нешто, нема да именувам кој и како, нема да пишувам на национална основа, сите сме луѓе. Кој беше таму знае дека владееше ХАОС. Тотален хаос. Едни носат, други вадат. Селективно делење помош. И на сета наша мака, уште луѓе што не се погодени од поплавата доаѓаа и грабаа од помошта, оние од соседните згради и куќи кои лично ги познавам. Други си земаа за да носат во своите продавници…

А слушам кажуваат дека сè било координирано и дека се оди по план од страна на Владавa. Не ме зезајте, не ми се верува што слушам. Сè по план. Една добра работа што можам да кажам и е за пофалба е помошта што ‪Армијата ни ја пружи во понеделникот. Секоја чест на момците, од куќа на куќа помагаа.

Оној таканаречен директор на Дирекција за заштита и спасување, Шабан Салиу, кој беше во училиштето (25 Мај), на мое прашање кај да се обратам во врска со запишување за штетите и начинот на координација со комисијата ми одговори: „Не знам, оди во школото внатре, таму запиши се, има комисија“.

Одам јас внатре, а таму само деца седат и галамат. Некои деца. Ни трага, ни глас од комисија. И не само мене, туку и на другите истото им го кажал, а „сељакот“ – така ќе го кажам, си седеше на клупа со нозете оптегнати и рацете на глава додека околу него уште 10 души тераат муабети и смеа. А нели, треба да помагаат….

И уште една благодарност до луѓето кои ги препознавам од ШаренатаРеволуција и Павле Богоевски (веднаш ќе кажам дека не ме интересира политичка партија), кои откако ја увидоа ситуацијата почнаа од куќа на куќа да носат помош со коли. И понеделникот и вторникот. Што им се кажа дека ни треба во понеделникот, тие направија список и со еден збор беше донесено во вторникот, на сите нас, од трите улици на коишто имаа пристап. Црвен крст почнаа тоа да го прават од вторникот попладне, додека не се побунивме ние на „Големците“. Од градоначалникот‬ ни наш, и едниот и другиот, кои само тераа демагогија цели два дена, ништо немаше да биде.

И овде, едно големо јавно ФАЛА на сите мои роднини и другари и пријатели кои ми помогнаа!

Боби Николовски, Ченто