[Став] Бегалка од Босна: Ако мислите дека процесот на преселба е лесен, прочитајте го ова

Да се биде бегалец деновиве значи да речиси секое утро откако ќе се разбудиш да сведочиш на анти-бегалски ставови во медиумите, на социјалните медиуми и во изјавите на политичарите.

На 18 ноември, откако ја увидов растечката исламофобија и ксенофобија на американските политичари, решив на Twitter да го објаснам долгиот процес на добивање азил во САД, пишува Аљеса Буљусмиќ Кустура за Independent.

Јас сум бегалка. Всушност, јас сум босанска муслиманка која доби дозвола за престој во САД после речиси четиригодишен процес.

Моето патување започна во 1998 година, четири години откако Босанската војна и геноцидот кои нé направија мене и моето семејство преживеани бегалци. Првиот чекор беше посета на Агенцијата за бегалци на ОН за да аплицираме за азил. Наредните месеци требаше да обезбедиме документација и доказ дека сме навистина семејство, дека сите сме со здрав разум и физички способни, дека сме иселени поради војната и ни влијаела траумата која таа ни ја предизвикала.

Започнавме со идентификација: доказ за тоа каде порано сме живееле, доказ дека сме сопственици на домовите кои тогаш беа уништени и под окупација на Србите, доказ дека мојот татко се наоѓаше во концентрационен камп, доказ дека навистина сум го посетувала училиштето во кое одев. Откако ги обезбедивме овие информации, од нас беше побарано да обезбедиме и препораки од пријателите, семејството и поранешните соседи. Требаше дури и да донесеме потврда дека некои членови од нашето семејство биле убиени за време на војната и геноцидот, и дека некои од нив се водеа како исчезнати.

Претставник на Агенцијата за бегалци на ОН спроведуваше интервју по интервју, за да се осигура дека моето семејство и јас ја зборуваме вистината. Процесот на раскажување на нашата трауматична приказна траеше неколку години. Секое спроведено интервју значеше повторно будење на траумата од окупацијата во Сараево, од времето кога нé чуваа во кампови во Вишеград, и од тоа да се биде дете и да се знае малку за тоа што значи да се биде изложен на бомби само заради религијата и етничката група на кои припаѓавме.

Некако успеавме да завршиме меѓу тие пет посто од огромниот број на Босанци кои побараа азил во Америка. Во 2002 година, кога конечно се сместивме во САД, препоставувавме дека нашето патување до емоционална безбедност завршило. Сепак, како бегалци и понатаму бевме интервјуирани од владини агенти, ни правеа медицински и психолошки прегледи и посети од вработени во Одделите за имиграција и социјална грижа.

И покрај сé, успеавме. Ја преживеавме војната и ни беше овозможена привилегијата да дојдеме да изградиме живот во Америка. Оттогаш, како начин да се заблагодарам, станав активист и волонтер. Одбрав да вратам назад најмногу што можам, наместо само да земам.

Сепак, за „дрвените глави“ кои го делат анти-бегалскиот став, ништо од ова не важи. Кога ќе го комбинирате недостигот на знаење за процесот на добивање на азил со стравот, добивате зголемена омраза. Следуваат ксенофобијата, и особено исламофобијата.

Најголемиот дел од луѓето во мојот живот се бегалци како мене. Ние имавме можност да дојдеме во САД откако ги преживеавме војната, геноцидот и исходот од нив, откако ги завршивме сите екстремно строги безбедносни проверки кои ги спроведуваат ОН и владата на САД.

Не дојдовме во САД одеднаш. За тоа беа потребни речиси четири години тестирања, интервјуа, лекарски прегледи, проверки на досиеата и вкрстени испрашувања во разни владини агенции за ние да добиеме азил. Но дури и потоа, бевме обврзани да одиме на курс по англиски јазик, курс за вработување, курс за американска култура и бон тон и семинар за тоа што треба да очекуваме откако сме се доселиле во земјата.

Како бегалка која поминала низ процесот, можам едноставно да изјавам дека бегалците се многу добро проверени. Иако стравот после нападите во Париз е разбирлив, истовремено е и погрешно упатен. Луѓето кои аплицираат за азил се истите луѓе кои бегаат од насилството кое го предизвикува истата група која е одговорна за нападите, Даеш.

Како поранешна бегалка, апелирам до светот да внимава на долгиот процес низ кој треба да поминеме со цел да најдеме засолниште. И јас бев бегалка, и не сум непријателот.