Стартап викенд во Скопје

Од 19-21 септември во просториите на New Man`s Business Accelerator ќе се одржи овогодишното издание на „Startup Weekend Skopje“. На тридневниот настан, учесниците ќе имаат можност да ги претстават своите иновативни идеи, да креираат тим и да добијат интересни награди, меѓу кои и шанса за финансирање од страна на најдобрите бизнис акселератори во Македонија и странство.

Стартап викенд

Присутните ќе добијат уникатна можност да бидат обучувани од страна на најдобрите претприемачи, маркетинг експерти, стартап ветерани и специјалисти од сферата на бизнисот, за тоа како најдобро да ги претстават своите идеи, како брзо и ефикасно да ги презентираат своите идеи пред инвеститори и клиенти, но и како од една обична идеја, да направат успешен бизнис.

Тие ќе можат да ја претстават својата идеја пред експерти од сферата на преприемништвото, ќе креираат тим од специјалисти кои можат да помогнат идејата да прерасне во успешен бизнис, ќе научат како да го презентираат проектот, но и како да најдат финансии за развивање на стартапот.

На стартап викендот во Скопје компаниите пак ќе можат да ги слушнат најдобрите старт-ап тимови, нивните идеи и иновации, но и да пронајдат стартап кој може да го имплементира новото иновативно решение во компанијата.

Статистиката покажува дека високи 42,8% од претпријатијата во Македонија имаат воведено одредени иновации во својата работа во периодот од 2010 до 2012 година. Притоа речиси 25% од претпријатијата имаат воведено иновација на производ и процес, околу 46 % имаат воведено организациски и маркетинг иновации, додека 18% истовремено имаат воведено производ, процес, организациски и маркетинг иновации.