Старото кино ,,Партизан” во Битола заглавено помеѓу профитот и младинскиот идеал

Група битолчани стравуваат дека ќе го изгубат просторот во старото кино ,,Партизан”, откако цело лето го минаа во расчистување и средување на ова место, за да го направат културен центар за младите.

Откако 5 години стоело напуштено и запуштено, со поддршка од НУ Народен театар Битола, под чие раководство е објектот, тие се фатиле во еден како што велат ,,сизифовски потфат” и средиле 600 квадратни метри од киното, коe планирале да го користат за културни настани, изложби, проекции…Но, откако решиле и формално да ја уредат соработката со раководството, наишле на проблем.

За време на акцијата

На почетокот, велат, добиле поддршка и од НУ Народен театар Битола. Но, после месец и половина интензивна работа, се соочиле со кражба. По оваа случка, повторно собрале енергија и се вратиле на уредувањето на просторот. Сега реагираат на нов предизвик. Иако соработката со Театарот требало да се формализира со договор, вчера им било соопштено дека кај дирекцијата „не владеело расположение за давање на просторот за оваа намена, туку дека работата се движи кон тоа просторот да биде издаден“.

На социјалните мрежи го активираа хаштагот #ОперацијаКиноПартизан и преку отворено писмо ја раскажаа нивната приказна и трудот кој го вложиле за да заживее просторот.

„Знајте шо ме нервира најмногу? Шо овие 700+ лајкови и 300+ шерови шо ги собравме буквално преку ноќ на Фејсбук/Инстаграм можеа да бидат за нешто убо, практично, за нешто потребно, пошто работата беше неизмерно тешка и пред да се деси „промената на планот“, вели Бојан Станиќ од битолската иницијатива.

„Без пари сме, ограбени, со многу потрошена енергија и наместо та енергија шо сме ја собрале како-така (a ни сам не знам како сме ја собрале) да ја вложваме во фандрејзери, настани, работа, кревање хајп за средвање на местото, сега ние пак се враќаме на старт и се убедваме дека на Битола му треба слободен простор за култура, дека младите нема шо да видат во градот, дека во Битола е досадно, умрено и дека ако некој е доволно будала да згни по вакво нешто, можда најарно ќе биди да го остајш да крши гла“, додава тој.

Од Народниот театар во Битола, пак, за Радио МОФ велат дека киното „Партизан“ е под нивна ингеренција од 2006 година, но средствата кои би ги добиле од издавање на просторот на други субјекти се влеваат во Буџетот на државата. Затоа, во неколку наврати се обратиле до надлежните институции да го променат тоа, така што овие средства би доаѓале на нивна сметка, но барањето било одбиено.

„Морам да напоменам дека наспроти шпекулациите во јавноста, постапка за издавање на просторот на поранешното кино „Партизан“ не е отпочната токму поради горенаведените причини. Во меѓувреме водевме разговори и разменувавме идеи со многу здруженија на граѓани, независни уметници, ад-хок групи… да се најде некоја варијанта во која просторот би заживеал како нов културен простор во Битола“, уверува директорот на Театарот, Иван Јерчиќ за Радио МОФ.

Тој информира дека низ годините целата електрична и водоводна инсталација како и хидрантите биле украдени. Токму со акцијата ова лето, граѓани се обиделе да спроведат електрична енергија во објектот, но по кражбата која се случи есенва работите се стопирани.

Според Јерчиќ, откако минатата година се сретнале со групата ентузијасти, решиле да им го отстапат просторот и со помош на ЈП Комуналец да го средат.

„Во меѓувреме ги баравме моделите на кој начин сето тоа би можело да профункционира и на најдобар можен начин да се поделат обврските помеѓу двете страни. Тука, морам да напоменам, дека во ниеден момент не стана збор за никакво ексклузивно право за користење на просторот од страна на групата на граѓани, кои се согласија доброволно да го средат и да се обидат да го адаптираат истиот простор за нивните потреби, туку цело време бевме во потрага по модел во кој работите ќе функционираат законски, транспарентно и отчетно. Тука во тие разговори на неколкупати стана збор и за евентуално издавање на еден дел од просторот на поранешното кино Партизан во комерцијални цели со што би се овозможил некаков приход кој би помогнал за самата одржливост на објектот. Во таа смисла ги отфрлам сите, во најмала рака, смешни шпекулации кои беа предизвикани од писанието на групата на граѓани насловено како “Операција кино Партизан” за тоа дека некој некому му ја завршил валканата работа и дека отсега натаму Н.У. Народен театар Битола ќе остварува профит. Тоа едноставно не е начинот на кој ние функционираме“, вели Јарчиќ.

Просторот на поранешното кино „Партизан“ е со површина од 1186 m2 и двор од 574 mи е во прилично руинирана состојба.

Според Станиќ, тие не се против дел од просторот да се издава за комерцијални цели. Сепак, идејата на младите битолчани е никој од нив да не профитира од просторот, односно сите пари кои евентуално би се зеле од настаните да се враќаат назад во објектот или во програмата.

„Да сме начисто, ние не го бараме просторот да биди лично наш, дефинитивно не го бараме просторот да профитираме од него, во сите разговори со Театарот бевме „ЗА“ то и тие да го користат за претстави, настани, чување на сценографија или шо и да им треба, со тоа ние да имаме програмска автономија за нашите настани и настаните од трети лица кои би сакале да го користат просторот.

Секако, ова значеше и двете страни да вложат по нешто за просторот да биде функционален, а ние да преземеме одговорност за просторот кога би го користеле и со тоа на некој начин да им ја тргнеме грижата од главата ако нешто се случи додека го користиме“, вели тој.

Претходно, од иницијативата се изјаснија дека вложиле премногу енергија и труд да создадат културно прибежиште за младите во градот за да се откажат од сработеното.

Емилија Петреска