Стапува на сила новата европска регулатива за заштита на личните податоци

Ако на вашите мејлови деновиве стигнуваа пораки во кои компании ве известуваат дека нема да ви праќаат пораки, доколку не дадете јасна согласност, тоа е поради новата европска регулатива за заштита на личните податоци која денеска стапува на сила.

Позната како ГДПР (GDPR -General Data Protection Regulation) со новата регулатива на корисниците им се дава поголема контрола врз сопствените податоци. Меѓу најважните промени што ги носи оваа регулатива се тоа што од сега компаниите ќе мораат јасно да им ги објаснат правилата за приватност на корисниците, за разлика од досегашните долги и комплексни упатства, кои најчесто корисниците ги прифаќаат без да ги прочитаат.

Со новите правила, компаниите ќе мора да обезбедат двојна согласност од потрошувачите за користење на податоците, да имаат записи за сите обработени податоци, да нудат детални описи на целите на собирањето податоци. Ако потрошувачот побара пристап до своите податоци, компанијата или организацијата ќе мора да ги обезбеди во рок од 30 дена.

Подготовката на уредбата траеше четири години, а откако беше усвоена на 14 јуни 2016 година, ЕУ им даде рок на компаниите и организациите рок од две години да се подготват. Сепак, експертите велат дека со стапување на сила на уредбата се очекува хаос. Додека едни компании масовно испраќаат електронски пораки на корисниците за одобрување за користење на нивните податоци, други компании почнаа да го блокираат пристапот на европските корисници за да не мора да ги почитуваат новите одредби.

Уредбата ваши за сите компании во ЕУ, но и за странски компании кои делуваат на просторот на Унијата. Казната за непочитување е 20 милиони евра.