Средношколски пленум: Силни притисоци од директорите пред утрешниот марш

Средношколскиот пленум се жали дека на силни притисоци од страна на директорите, еден ден пред најавениот средношколски марш во Скопје против лошите образовни реформи. Од пленумот, без да прецизираат во кои училишта, посочуваат дека имаат најави дека ќе бидат запишувани за отсуството поради излегувањето на марш, а бројни биле и заканите за педагошки мерки, намалени оценки, намалени поведенија.

„Ги потсетуваме директорите кои очигледно не го читаат Уставот на РМ кој вели: “Секој граѓанин има право на протест”, дека ние како граѓани, ученици и засегната страна во образовниот систем имаме право, но имаме и обврска да се бориме против експериментите на министерот. Ги прашуваме директорите, дали Вам Ви се допаѓа кога на Вашите колеги им ја намалувате платата заради бесцелно тестирање базирано на 30 кликови? Ги прашуваме и дали е добро за репутацијата на училиштата кога оние ученици кои целата година ја поминуваат во труд, активност, и знаење на крајот да добиваат пониски оценки само заради нефункционалноста на компјутерскиот систем?“, посочуваат од пленумот.

Утрешниот марш во Скопје ќе почне во 12: 30 часо, од Градскиот парк кон Министерството за образование и наука. Еден ден подоцна, марш најавија и нивните соученици од Куманово.

Од пленумот бараат укинување на ектерното тестирање, полагање државна матура по стариот концепт за сегашните матуранти, како и нивно вклучување во процесот при правењето нов концепт за државна матура, но и за било какви промени поврзани со средношколското образование.