Средношколски маршеви: Скопје и Прилеп во среда, Тетово во четврток

Средношколците продолжуваат со протестните маршеви незадоволни од новиот концепт на полагање државна матура и екстерното тестирање. Во среда, на 1 април протест најавија скопските и прилепските средношколци, додека во четврток на улица ќе излезат учениците од Тетово.

„ МОН во текот на изминатата недела се обиде да ги изманипулира средношколците дека ќе има средба со нивните претставници. Срамно е како министерот и неговите соработници цела недела се кријат иако ги баравме под дрво и под камен да ја договориме средбата која тие ни ја ветија на првиот марш.

Нашиот марш во среда нема да покаже страв од учење туку жед за знаење. За она вистинско знаење што секој од нас го заслужува. Заедно да и покажеме на оваа земја дека интелектуалната младина е оформена и независна. Нашиот дух е непокорлив, а нашиот став непоколеблив!“се стои во соопштенито на Средношколскиот пленум од Скопје.

Собирот во Скопје ќе започне во 12 часот пред Собранието на Република Македонија, а маршот ќе заврши пред МОН.

Истиот ден во Прилеп Средношколскиот Пленум најавува прв марш кој ќе започне пред Камената бина во центарот на градот во 12:40 часот и ќе заврши пред канцелариите на подрачното Министерството за образование.

„Бараме враќање на стариот концепт за полагање матура и менување на законот за екстерно тестирање.
Време е да покажеме дека нема да дозволиме да експериментираат со нас!“, порачуваат прилепските средношколци.

Учениците во Тетово ќе излезат на втор марш во четврток, на 2 април. Зборното место е Центарот за Култура „Иљо Антески – Смок“ – Тетово, во 12:15 часот, а оттаму ќе маршираат по булеварот Маршал Тито, преку ул. Јане Сандански, преку Илинденска, сè до Работничкиот Универзитет, каде што се наоѓаат канцелариите на Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образование (БРО) и Просветниот инспекторат.

„По втор пат, да кажеме „НЕ“ на лошите реформи во образованието кои од нас направија експериментални глувци. Имаме став, немаме страв!“, велат средношколците од Тетово.