Средношколците до новата министерка: Бараме Средношколски пленум да биде дел од структурата на училиштата

„Не се заборава, па затоа да потсетиме на нервирањата, испиените бедоксини и дијазепами пред тестирањата. На веќе неизбројаните протести низ цела Македонија, на нас средношколците, кои јасно укажувавме на проблемите и дефектите на екстерното тестирање и образованието. Да се потсетиме и на успешното повлекување на задолжителната математика од матурата, благодарение на нашите преговори со МОН. Да се потсетиме и на камповите на средношколци кои со недели преживуваа пред министерството, за да бидат забележани нашите барања“, велат од Средношколскиот пленум во однос на денешната собраниска седница на која по скратена постапка ќе се одлучува за екстерното тестирање.

Од овој пленум потсетуваат на притисоците, казните и останатите репресии со кои секојдневно се соочувале.

„Тоа оставаме само да им служи на чест на професорите, директорите, министерот и сите останати кои останаа глуви и неми на нашето викање и се обидоја да не спречат“, велат од Пленумот.

Тие бараат од Министерството за образование и наука задолжително и законско воведување на Средношколскиот пленум како организација во организационата структура на училиштата, со цел средношколците да продолжат да ги акцентираат проблемите на образованието.

„Сакаме да укажеме до јавноста особено до Министерството за Образование и Наука дека, безразлика на тоа што примарната цел на Средношколскиот пленум ќе биде постигната, тој не прекинува со својата работа. Во оваа прилика, сакаме да испратиме јасна порака до новата власт и да порачаме – спремни сме повторно да излеземе на улица, но искрено очекуваме дека нашиот потенцијал ќе го насочиме кон создавање на нов образовен систем, а не кон протестирање против лоши и штетни образовни мерки“, појаснуваат средношколците.

Тие им се заблагодарија на останатите пленуми како – родителскиот, наставничкиот и студентскиот.

„Уште поголема и подлабока благодарност и до трите генерации на матуранти кои беа жртви на екстерното, но до задниот училишен ѕвон, се надвикуваа и го слеваа нивниот глас заедно со сите нас, против екстерното“, велат од Пленумот.