Средношколци: Не се чувствуваме безбедно, бараме средба со Адеми

Средношколскиот пленум денеска изрази сочувство за загинатите полицајци и поддршка за сите граѓани во Куманово. Поради новонастаната ситуација во државата, средношколците велат дека тие не се чувствуваат безбедно во кампот поставен во Паркот на новинари спроти Министерството за образование и наука и итно бараат средба со ресорниот министер Абдилаќим Адеми.

„Министерството и покрај се што се случува во државата не ни дава средба и не остава да спиеме на улица. Кампот останува пред МОН, остануваме и ние таму, не се чуствуваме безбедно но остануваме до крај во борбата. Бараме повторно средба во МОН, го повикавме на средба Адеми да дојде во нашиот камп, но не се појави“, вели Стефан Танков од пленумот.

Средношколците велат дека тие остануваат на своите барања за задржување на стариот концепт на државна матура за сите генерации, одложување на екстерното оценување, се додека не се подобри неговиот квалитет, како и други мерки за подобрување на образованието.

Тие вечерва ќе имаат генерален пленум каде ќе се реши како ќе се постапи во следните денови и кои чекори ќе се преземат во продолжувањето на бојкот и Средношколскиот фронт пред МОН.

Учениците денеска биле на настава заради „ресетирање“ на бојкотот, за да не дојде до казнување на родителите чии деца не посетуваат на настава.

„Се отиде на настава за да го ресетираме бојкотот, за да не се казнат нашите родители, бидејќи ако континуирано не се оди 25 дена на училиште може да има казна за родителот од 2 илјади евра. Со ова ресетирање не не фаќа таа казна“, вели Танков.

Од пленумот велат дека тие ќе испратат писмо до амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав со објаснување за целата ситуација, средношколскиот бојкот и протестите и ќе побараат средба со амбасадорот, но и помош за да се дојде до решение.

Од МОН не се достапни да коментираат за најавите за продолжување на бојкотот и кампирањето под отворено небо од страна на средношколците.