Србија сруши Гинисов рекорд – На едно место собрани 256 луѓе со исто име и презиме

Србија сруши Гинисов рекорд откако на едно место се собраа 256 лица со исто име и презиме – Милица Јовановиќ.

Настанот беше одржан во Белград во организација на компанијата за маркетинг „Color Media Communications“. Оттаму велат дека се одлучиле да го организираат ова соборување на рекордот во Србија поттикнати од статистичките податоци дека во земјата најчесто женско име е Милица, а презиме Јовановиќ.

„Соборен е Гинисов рекорд! 256 Милици Јовановиќ се собраа пред 5 минути во „Биг Фешн Белград“. Им благодарам на сите Милици, екипата која го организираше настанот и сите кои не подржаа“, напиша на Инстаграм Роберт Чобан, директор на маркетинг компанијата, објавувајќи го и сертификатот добиен од Гинисовата книга на рекорди.

Претходниот Гинисов рекорд беше поставен во Токио, 2022 година, кога на едно место се собрале 178 луѓе со име и презиме – Хироказу Танака.