Во обид на трансформација на дел од работата на Битрикс културно-уметнички центар во нови правци, како и продлабочување на креацијата, оваа година центарот започнува соработка со повеќе партнери во правец на создавање и презентирање на пошироката јавност нови дела кои се спој на современите и уличните танци.
„Овој спој е форма која се почесто се јавува во светот на танцот и поле на интерес на голем број уметници, а која се повеќе ги отклонува претходно поставените граници на засебни танцови техники и експериментира во изразот“, се вели во најавата за настанот во МКЦ, кој ќе се одржи денеска (1 март, вторник) од 20 часот.
Прва соработка центрот ја остварува со организацијата „Урбана Сцена“ од Словенија, а овојпат поддржани од „Регионална платформа за култура – КООПЕРАТИВА“, го реализираат „Твининг“ проектот.
„Како резултат од истиот, а кој произлегува од двонеделниот резиденцијален престој на короеграфот и танчар Александар Теш од Австрија/Словенија, тие создаваат ко-продуцираното дело: ‘НеРаздвоиви’ (‘InDivisible’) кое ќе биде презентирано на сцената на МКЦ во Скопје. Покрај ова дело ќе бидат претставени и два соло перформанси на кореографките Теја Модријан од ‘Урбана Сцена’ Словенија и Ивана Балабанова од ‘Битрикс културен центар“, стои во најавата за настанот.