Совет за етика: Неказнивоста на нападите врз медиуми е недозволива, полицијата и ЈО итно да го решат случајот

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) најостро го осудува вчерашниот физички напад на новинарската екипа на порталот А1 Он за време на маршот организиран од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Тие сметаат дека инцидентот е потрда за тенденциозните обиди да се загрози слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.

Според нив, ова не е изолиран инцидент, а трендот на насилство и попречување на работата на новинарите и медиумските работници продолжува да биде сериозен проблем.

„Имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата, апелираме за итна реакција на полицијата и Јавното обвинителство и преземање на неопходните мерки за расветлување и расчистување на инцидентите. Неказнивоста на нападите врз медиумите е недозволива, а безбедноста на новинарите мора да биде подобрена и ослободена од какви било закани и притисоци“, стои во реакцијата на Советот за етика.

Оттаму потсетуваат на член 10 од Европската конвенција за човекови права, со кој државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да создаде и одржува поволна средина за слобода на изразување.

„Потсетуваме дека ваквата одговорност произлегува и од препораките на Комитетот на министри на Советот на Европа околу заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери. Во исто време, потсетуваме и на минатогодишниот извештај на Фридом Хаус, според кој медиумите во Македонија се предмет на политички притисок и вознемирување, што резултира со самоцензура, а државата се оценува како неслободна во однос на статусот на слобода на медиумите“, се вели во соопштението на Советот за етика. 

Од друга страна, Советот забележува дека во изминативе неколку денови се’ почести се случаите на злоупотреба на улогата на медиумите и нивно искористување како платформа за потпалување на ситуацијата и засилување на тензиите во општеството.

„Медиумите не смеат да бидат злоупотребени за повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството. Недостигот на медиумска слобода не смее да се искористува како аргумент за погрешно однесување и пласирање невистини кои му создаваат трајна штета на новинарството и повреда на интересот на јавноста“.

Советот за етика досега има добиено околу 200 жалби за непрофесионално известување на медиумите. Тие велат дека и понатаму ќе го набљудуваат начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од СЕММ, така и на тие кои се’ уште не се негови членки, и ќе повикуваат на доследно почитување на Кодексот на новинарите.