„Соундси“ на учениците од гимназијата „Георги Димитров“ е избрана за најдобра ученичка компанија

Ученичката компанија „Соундси” од средно училиште „Георги Димитров“ од Скопје е победник на националниот натпревар на најдобра ученичка компанија, кој трета година по ред го организира Џуниор ачивмент Македонија. Оваа година за натпреварот се пријавија 25 ученички компании од 18 средни училишта од земјава.

Победникот на Националниот натпревар ќе учествува на Европскиот натпревар на ученички компании, кој годинава се оддржува виртуелно од 22-24 јули со присуство на 40-тина национални победници од земјите членки на Џуниор ачивмент Европа.

Второ и трето пласираните ученички компании од средното училиште „Владо Тасевски“ од Скопје и средното училиште „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија беа исто така наградени од овогодинешните спонзори GDI, SEMOS едукација и ПАКОМАК.

Учениците во текот на натпреварот формираат свои ученички компании и предлагаа производи или услуги. Натпреварот е можност за претставување на целокупното работење на ученичките компании во јавноста. На овој начин, велат организаторите, учениците учат за тимска работа се дружат и стекнуваат практично искуство за водење бизнис, финансиска писменост, подготвеност за работа и претприемничко образование.

„Оваа учебна година, состојбата со пандемијата наметна нов изменет модел на натпреварот со употреба на новите технологии и нови интернет алатки за претставување на ученичките компании по виртуелен пат.  Низ двете фази од натпреварот, сите 25 ученички компании имаа можност да ги презентираат производите и услугите кои ги развивале за време на учебната година, додека во втората фаза учествуваа  најдобрите 10 ученички тима, избрани од петчлената комисија.  Десетте финалисти имаа можност на 16 и 17 јуни да се натпреваруваат за титулата Најдобра ученичка компанија за 2020 година“, соопштуваат од Џуниор ачивмент Македонија.

Официјалниот настан за прогласување на Најдобрата ученичка компанија се одржа вчера, кога беа доделени и награди за најдобар наставник и најпретприемничко училиште.

Преку свои видео пораки, на учесниците им се обратија: Салваторе Нигро, Извршен директор на ЏА Европа, кој истакна дека учениците се темел на идната работна сила на нашата земјаЕрик Јановски, Претставник на Канцеларијата на УСАИД, кој нагласи дека програмата е инвестиција не само во учениците туку и во иднината на земјата; Јован Деспотовски, претставник на ФИТР кој ги повика младите луѓе да останат во земјата и да придонесат со своите идеи и иновации во својата држава, и Арбер Адеми, Министер за образование и наука кој ја истакна важноста од партнерства со организации кои го помагаат воспитно образовниот процес особено во претприемничкото образование кои ќе влијаат во промените и донесат економски просперитет

 

Натпреварот е поддржан од  Американската агенција за меѓународен развој УСАИД и Фондот за иновации и технолошки развој, а го реализира организацијата Џуниор ачивмент Македонија.