Социјалните мрежи – моќна алатка за бизнис

Домашните компании, осoбено малите и средните претпријатија, да ги користат социјалните мрежи за промоција и продажба на своите производи, апелира Стопанската комора на Македонија, од каде сметаат дека дигиталниот маркетинг е исклучително моќна алатка за бизнис.

Социјалните мрежи моќна алатка за бизнис

Според статистиките, 86 отсто од луѓето во светот ги прескокнуваат традиционалните реклами, на ТВ, радио и во печатените медиуми, пренесе МИА. Се што им треба бараат на интернет.

– Компаниите кај нас се уште имаат предрасуди во однос на Фејсбук. Сметаат дека е за млади или помодарство, а всушност станува збор за исклучително моќна бизнис алатка. Последните податоци велат дека 1,5 милијарди лица се корисници на Фејсбук, додека 757 милиони се логираат дневно, истакна Софче Јовановска, директор на Дирекцијата за регионални комори при Стопанската комора на денешната прес конференција.

Дигиталниот маркетинг е 64 проценти поевтин од класичниот, бара само 135 евра за еден клиент наспроти 346 евра. Претставува инвестиција која многу брзо и сигурно се враќа, одличен начин за зголемување на профитот. Овозможува директна комуникација со потенцијалните купувачи наместо еднонасочно емитување пораки, таргетирање целни групи, возрасни категории, нуди голем простор за претставување на брендот и потојано ги информира потрошувачите за актуелните промени или новините.

– Корисниците се постојано присутни на социјалните мрежи. Компаниите треба да го искористат тоа, да излезат агресивно на домашниот и на светскиот пазар. Оние што мислат дека интернет маркетингот е помодарство, ќе се разминат со своите потенцијални потрошувачи. Помина времето кога се чекаше тие да дојдат на веб-страницата на компанијата. Сега информацијата треба се пласира директно до потрошувачот, додава Јовановска.

Но, не е доволно, додаде, само да се има желба и технологија. Мора да се изготви конкретна комуникациска стратегија, да се настапи со уникатна понуда.

Вкупно 1/3 од светската популација е на интернет, секоја секунда се јавуваат по осум нови корисници. Дури 79 отсто од он-лајн купувачите користат 50 отсто од своето време во барање производи. Парите за промоција на социјалните медиуми и блогирање се зголемен во буџетите за 2013 година за 23 отсто, 72 отсто од сите интернет корисници се активни на социјалните мрежи, а 90 проценти од луѓето им веруваат на он-лајн преопрачаните производи од пријатели. Само 14 отсто им веруваат на традиционалните ТВ реклами, велат статистиките.

Во Македонија 56,7 отсто од вкупното население користи интернет, 45,2 проценти имаат Фејсбук профил, а 700.000 се потенцијални корисници на оваа социјална мрежа. Интернет огласувањето е реалност и кај нас, но загрижува фактот што трендот е сосема спротивен на светскиот, пишува МИА.

– На глобално ниво има континуиран пораст на буџетите за дигитален маркетинг. Во Македонија, за жал, тој потенцијал воопшто не е искористен, нагласи Јовановска.

Пазарот на онлајн-огласување во Европа забележа досега најголема вредност. Интернетот првпат стана втор најважен медиум за огласување. На дигиталното рекламирање отпаѓа 25,6 отсто од маркетиншкиот пазар во Европа. Македонскиот пазар на онлајн-огласување во 2013 година тежел 1.940.017 евра.