Собрание:Бракот да се дефинира како заедница меѓу еден маж и една жена

Комисијата за уставни прашања во Собранието денеска расправаше по владиниот предлог за промена на Уставот каде побараа да влезе одредбата дека бракот е заедница меѓу еден маж и една жена. Од СДСМ сметаат дека нема потреба од уставни промени, од ВМРО ДПМНЕ пак велат дека тоа е неопходно за да се заштити бракот како институција.

Образложувајќи го предлогот, пратеникот Влатко Ѓорчев иостакна дека опозицијата веќе работи на агендата за хомосексуални бракови.

„Во сите земји во кои има хомосексуални бракови кои посвојуваат деца, тој процес трае меѓу 10 и 15 години. И во Македонија е почната работата на оваа агенда. Одредени кругови на СДСМ, вклучително и невладини организации што се дел од СДСМ, работат на агендата за хомосексуални бракови. Пред Уставниот суд е поднесена таква иницијатива“, изјави Ѓорчев.

Од СДСМ пак сметаат дека менувањето на Уставот ќе ја отвори Пандорината кутија и затоа не се согласни со барањето за промена на уставот и дефинирање на бракот како институција меѓу еден маж и една жена.

„Бракот со оваа дефиниција е дефиниран во законот за семејство уште во 1996 година кога СДСМ беше владејачка партија. СДСМ смета дека граѓаните имаат многу поголеми проблеми од дефинирањето на бракот. Со ова ВМРО-ДПМНЕ сака да ја одврати јавноста од реалните проблеми со кои народот се соочува“, забележа пратеничката Ана Павловска Данева од СДСМ.

Пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија, смета дека предлогот за промена на Уставот е спин на власта и подготовка за нова кампања.

„Уставот уредува односи меѓу граѓаните на лично и колективно ниво, во политичка, економска и општествена смисла. Затоа, ќе ве молам одговорете дали сметате дека бракот е под удар. Зошто не сакате да признаете дека го подјадувате стандардот. Лицемерно зборувате имајте повеќе деца. Со што господине Ѓорчев“, праша Величковски.

Како што стои во предлогот поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ,  измените на Уставот ќе овозможат попрецизно дефинирање на брачната и вонбрачната заедница, поради што се наметнува потребата од измена на овој член и тоа во насока со која ќе се утврди дека бракот е заедница исклучиво помеѓу еден маж и една жена, како и дека вонбрачната заедница е заедница исклучиво на еден маж и една жена.

„Воедно треба да се уврди прашањето дека ниту една друга заедница на живот освен уставно дефинираната брачна заедница помеѓу еден маж и една жена не може да произведува правни дејствија во Македонија,“се додава во предлогот.