Студентската претстава „Хамлет, Кој?“ за прослава на 450 години од раѓањето на Шекспир

Во ЕУ Инфо центарот во Скопје вечерва ќе биде изведена студентската претстава „Хамлет, Кој?“ во рамки на одбележувањето на 450-годишнината од раѓањето на Вилијам Шекспир.

Со студентската претстава „Хамлет, Кој?“ се слават 450 години од раѓањето на Шекспир

Претставата е во организација на Делегацијата на Европската Унија и Британскиот Совет, а како дел од серијата настани со насловена „ Шекспир „21 век“.

„Хамлет, Кој?“, ќе ја изведе неформалната театарска работилница „Шекспир и Ко.“ од катедрата за англиски јазик и литература при Филолошкиот факултет – Скопје. Група студенти, под менторство на професорката Рајна Кошка ќе изведат постмодерно читање на најпознатата претстава на Шекспир. Текстот на претставата е базиран на оригиналниот текст на шекспировиот Хамлет, како и на драмскиот текст на Том Стопард „Розенкрац и Гилдернстерн се мртви“ и на Хеинер Милер „Хамлетмашина“.

Настанот ќе биде придружуван и со изложбата „20 години Шекспир во училница и пошироко“, составена од фотографии од претставата и нејзината подготовка во текот на изминатите години. Активностите за одбележување на 450-годишнината од раѓањето на Шекспир ќе продолжат и утре со отворањето на натпреварот за најдобро едноминутно видео за Шекспир.

Натпреварот е отворен за сите кои сакаат да дадат свое толкување за Шекспир во една минута. Видеото може да биде инспирирано од Шекспир или од некое негово дело, сцена, целосна претстава.