Со сини светла и бројни настани одбележан Светскиот ден на детето

По повод Светскиот ден на детето, синоќа и денес, зградите и обележјата во Скопје се осветлија во сина боја како дел од глобалната иницијатива „Осветли во сино“. Светскиот ден на детето исто така се одбележа и во Охрид осветлувајќи ги во сино, Амфитеатарот, Тврдината, како и голем број објекти низ Охрид. Во чест на заложбата на унапредувањето на детските права имаше најави дека многу светски метрополи исто така ќе светнат во сино. Дел од нив беа Европскиот парламент во Брисел, кулата „Шангај“ во Кина, Пантеон во Франција, Куќата „Фрида Кало“ во Мексико, мостовите на Босфор во Турција и многу други познати обележја.

По повод Светскиот ден на детето, денеска во Скопје се оддржа настанот под мотото „Сите сме = во правата” на кој присуствуваше и Народниот правобранител Иџет Мемети претставници на невладини организации, но учествуваа и деца од градинки, основни и средни училишта од повеќе градови од државата.

Мемети истакна дека оваа година има рекорден број поплаки, најмногу од нив во делот на образованието, а притоа додаде дека поплаки има и во сферата на здравството, за семејните односи, како и за врсничкото насилство во училиштата. Исто така годинава имало многу поплаки во однос на тоа дека децата не можат да го остваруваат нивното право на образование поради тоа што не се вакцинирани.

„Ние, како што знаете, имаме и неевидентирани деца. Во образовниот систем сме нашле и сме воделе неколку постапки за деца кои се образуваат надвор од нашиот систем. Загрижувачки проблем. Како институција сме реагирале, сме ги информирале надлежните, бараме постапување. Министерството за образование ги знае сите наши наоди по однос на девијантните состојби во целиот образовен систем“, рече Мемети во врска со поплаките за образованието.

Реакција стигна и од Хелсиншкиот комитет за човекови права, според кои и родителите, учителите, докторите, политичарите, граѓанското општество, корпорациите, медиумите, како и самите млади, играат важна улога во развојот на децата и заеднички ја делат должноста да ги застапуваат и унапредуваат правата на децата.

„Оттаму важно е да потенцира обврската на државите за почитување на концептот „најдобар интерес на детето“. Општиот коментар на Комитетот за правата на детето бр.5 утврдува дека членот 3 од КПД налага активни мерки од страна на извршната, законодавната и судската власт со цел најдобрите интереси на детето да бидат примарно значајни за сите дејствија кои се однесуваат на деца. Концептот „најдобар интерес на детето“ е доста комплексен и мора да се оценува во секој индивидуален предмет. Од секој државен орган или институција се бара да го применува принципот на најдобрите интереси на детето преку систематско испитување и толкување на одредбите од Конвенцијата, како детските интереси се или би биле директно или индиректно засегнати од нивните одлуки и дејствија“, велат од Хелсиншки.

Во текот на 2019 година Хелсиншкиот комитет регистрирал 36 случаи во кои биле засегнати најдобрите интереси на децата. Најчестите ситуации се однесувале на неисплаќање на законската издршка на малолетните деца, регулирање на контактите и видувањата на децата со родителот со кој не живеат и определување на старателството. Оттаму додаваат дека обврска на целата генерација е да бара од политичките лидери, бизнисот и заедниците да ги исполнат своите обврски и да преземат акции за правата на децата веднаш.

По повод Светскиот ден на детето, 11-годишниот Јане Велковски ќе учествува на глобалниот самит на УНИЦЕФ во седиштето на ОН, каде што децата и младите ќе испратат повик за акција за заштита и унапредување на нивните права.

Генералното собрание на Обединети нации (ООН) во 1954 година го прогласи 20 ноември за Светски ден на детето, со цел да се сврти вниманието на јавноста кон обврските на општеството кон децата, како и на проблемите со кои се соочуваат децата. На истиот ден ООН во 1959 и 1989 година, на нивното генерално собрание се усвоени Декларацијата за правата на детето и Конвенцијата за правата на детето. Детските права утврдени со Конвенција за правата на децата која е ратификувана од 193 држави годинава одбележува 30 години.