Со потерница се бара Сашо Мијалков кој е во бегство пред пресудата за масовното прислушкување

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, се наоѓа во бегство откако синоќа полицијата не успеала да го најде во неговиот дом по судска одлука да му биде доделен куќен притвор пред пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека за Мијалков е распишана национална потерница, а ќе се бара и меѓународна потерница.

Премиерот Зоран Заев, кој беше и првиот опозиционер кога во 2015 година ги објавуваше нелегално прислушкуваните материјали за кои е обвинет Мијалков, коментирајќи го бегството изјави дека очекува истрага за целиот случај и најави дека ќе побара одговорност од надлежните институции.

„Јас а и нашиот народ е разочаран и очекува лоцирање и негово пронаоѓање за да може да биде исправен пред соопштувањето на пресудата и доколку биде осуден, секако да си ја лежи казната. Второ, очекувам комплетни детали, како јас, така и нашиот народ и вие новинарите, што се случило, каде бил, како било спроведено решението, зошто не е пронајдено лицето и слично. Согласно тоа најавувам одговорност. Дали ќе биде БЈБ, дали АНБ, МВР, Премиер или било кој, ако има погрешено. Доколку не е под извршната власт, исто така, и народот а и јас очекувам одговорност“, рече Заев.

Мијалков е обвинет во случајот „Таргет-Тврдина“, главниот судски процес за масовното нелегално прислушкување кое го спроведувала УБК во периодот од 2008 до 2015 година, кој првично го отвори Специјалното јавно обвинителство па го презеде Основното јавно обвинителство. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, за што Обвинителството бара максимална казна.

Пресудата треба да биде изречена на 26 февруари.