Со поетски филмови за Скопје вечерва завршува „Скопскиот поетски фестивал“

Со настанот „Стиховно мапирање на Скопје“ ‒ видеопроекција на 12 поетски филмови, што ќе се прикажат вечерва во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 21 часот, официјално ќе заврши второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“.

Филмовите се изработени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Диме Данов и Валентина Бакти (Србија), врз основа на песни за Скопје од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади.

Претходно, пак, со почеток во 18 часот на истата локација, на темата „Урбана поезија“ ќе се одржи работилница за креативно пишување поезија за млади на која ќе говорат Сергеј Тимофеев од Латвија, Радмила Петровиќ од Србија и Владимир Мартиновски.

Посетителите уште денес ќе имаат можност да ја видат и изложбата на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) ‒ „Сум страдал, ама убаво ми било“, што беше отворена на 29 август во „Буква“.

Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, пак, синоќа настапија на интернационалната вечер на фестивалот, а вечерта заврши со кусиот поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, од кафе-книжарница „Буква“ и винарница „Стоби“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а „Култура бета“ е медиумски партнер.