Со концерт на Тони Китановски се затвора 37. Скопски џез фестивал

Со концертот кој ќе ја одбележи 30-годишната музичка кариера на гитаристот Тони Китановски вечерва ќе биде затворено 37. издание на Скопскиот џез фестивал. Концертот е најавен во 20 часот, во Македонската опера и балет.

Тони Китановски е тешко да се опише во неколку реда. Ова се должи на неговиот крајно разновиден и значаен музички опус. Има свирено на турнеи со своите џез и „world music“ проекти, снимил и продуцирал голем број албуми, пишувал музика за играни и документарни филмови, современ танц, симфониски и големи џез-оркестри. Соработува со хип-хоп диџеи, музичари од Конго, ромски оркестри… Себеси се смета за композитор кој свири гитара, а неговата прва љубов отсекогаш била џезот.

Драган Ѓаконовски-Шпато е неговиот прв и највлијателен ментор. Токму во неговиот дом првпат слуша една стара снимка од гитаристот Барни Кесел. Оттогаш, па сè до денес, тој чувствува дека за него не постои друг избор освен да биде музичар. Во деведесеттите живеел и студирал во Бостон, на музичкиот колеџ Беркли. Бидејќи карактерот не му дозволува некој да му сугерира како да ја свири гитарата, тој ја одбира композицијата, со цел да го унапреди своето музицирање. Враќањето дома, десет години подоцна, беше придружено со серија албуми за SJF Records и ENJA/Yellowbird Records од Минхен.

Во првиот дел од вечерта тој ќе настапи со „Панда 5“ и во живо ќе го промовира новиот албум „Big City Scare”. Покрај Китановски во квинтетот членуваат и младите македонски џез-инструменталисти: Трајче Велков (труба), Кирил Кузманов (алт саксофон), Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Виктор Филиповски (тапани).

Во вториот дел од концертната вечер во МОБ на Китановски ќе му се придружат неговите музички пријатели и соработници: Џон Сас, Дејв Вилсон, Асан Рашид, Васил Хаџиманов и Пјеро Епифанија Осамбела.