Со дегустација на холандската кујна завршува првата сезона од проектот „Вкусот на Скопје“ во Јавна соба

Јавна соба продолжува со социјалната програма за кулинарско издигнување, односно запознавање на други култури преку организирани кулинарски презентации. Во среда, со почеток од 20 часот во Јавна соба на репертоар е холандската кујна. Под водство на холанѓанецот Пол Хотхаузен за првпат во Македонија ќе се дегустираат врвни специјалитети  од северниот дел на Европа.

На мени ќе се сервираат холандска супа од зеленчук со телешко месо и крцкава сланина, салата од цикорија, порција зајак со традиционално  пире од четири зеленчуци ,  пита од јаболка и  божиќни круши во сос од вино.

Јавна соба со оваа тематска вечера  го заокружува циклусот на  вечери  за 2016 година, но проектот „Вкусот на Скопје“ ќе продолжи и наредната година. Уште во јануари се најавени познати готвачи од Италија, Хрватска и Велика Британија кои ќе одржат серија на работилници за поширока јавност.

„Холандија како земја сигурно не е прва на листа кога ќе помислиме на јадења, особено не на специјалитети и традиционална јадења. Но тоа е од причина што нивната кујна не ни е воопшто позната нам во Македонија. Холанѓаните јадат здрава и вкусна храна, базирана на зеленчуци, риба и месо. Просечен животен век кај луѓето во Хоалндија е 80 години“, велат од Јавна соба.