Сноуден: Зошто Обама треба да ме помилува

Едвард Сноуден објасни зошто Барак Обама треба да му обезбеди помилување, пред американскиот претседател да ја напушти функцијата во јануари, тврдејќи дека откривањето на масовноста на следењето на комуникациите од САД и британските служби за разузнување не било само етички исправно, туку и од корист за граѓаните.

Коментарите на американскиот „свиркач“, во интервјуто за Гардијан, доаѓаат откако неговите поддржувачи, меѓу кои и американски адвокат, покренаа кампања за претседателско помилување. Сноуден е баран во САД, каде е обвинет за нарушување на Законот за шпиунажа и се соочува со 30 години затвор.

Зборувајќи преку видео врска од Москва, каде се наоѓа во егзил, Сноуден изјавил дека евалуацијата на последиците од неговото објавување на десетици илјади документи од Националната безбедносна агенција во 2013 година, јасно би покажала дека граѓаните имале корист.

„Да, постојат закони на хартија кои кажуваат една работа, но веројатно поради тоа постои моќта за помилување – за исклучоците, за работи кои можеби се незаконити во документите но кога ќе ги погледнеме етички, кога ќе ги погледнеме резултатите, изгледаат како потребни, важни работи“, објаснил тој.

„Мислам дека кога луѓето ќе направат пресметка на користа, јасно е дека по 2013 година законите на нашата нација се променија. Американскиот Конгрес, судовите и претседателот, сите тие ги променија нивните политики како резултат на објавите. Истовремено никогаш немаше било каков јавен доказ дека некоја индивидуа претрпела штети како резултат“, рекол Сноуден.

Иако американските претседатели имале некои изненадувачки помилувања пред да ја напуштат функцијата, шанситеа тоа да го направи Обама изгледаат мали и покрај тоа што пред да влезе во Белата куќа тој беше правник од областа на уставното право, кој често се залагаше за приватност и предупредуваше за опасностите од масовно следење на комуникациите.

Кампањата за помилување доби неочекувана поддршка од поранешниот Јавен обвинител Ерик Холдер, на функција за време на председателствувањето на Обама, кој во мај истакнал дека Сноуден направил јавна услуга. Кампањата може да добие на сила и на петочната американска премиера на филмот „Сноуден“ од режисерот Оливер Стоун кој е подржувач на помилувањето.

Противниците на Сноуден во меѓувреме го обвинуваа за неговото избегнување да го критикува рускиот претседател Владимир Путин, но во последниот период Сноуден почна да станува се погласен и на оваа тема. Следната година треба да се продолжи неговиот азил, па дали тој со таа одлука влегува во опасност.

„Не ми е прв пат да преземам ризик за нешто во што верувам. Ова е сложена ситуација. Русија не ми е во фокусот. Не зборувам течно руски за да учествувам или да влијаам на политиките. Но кога се случува нешто за кое сум убеден дека е чисто кршење на правите вредности, верувам дека треба да станеме и да кажеме нешто за тоа. Мојот приоритет секогаш била мојата земја, а не Русија. Би сакал да помогнам во реформи на ситуацијата со човековите права во Русија, но никогаш не би бил на исто ниво во споредба со вистински руски активисти“, рекол Сноуден .

Тој во интервјуто изјавил и дека нема никаква заслуга во објавувањето на „панамските документи“.