Снегот се уште прави проблеми: Отежнат сообраќај, прекинати патни правци и забрани за возење

Врнежите од снег во последните неколку денови отсекоа населени места, блокираа патишта, имаше случаи каде луѓе останаа заглавени, па на тест беше ставена подготвеноста на надлежните служби. Проблемите со снегот продолжија и утрово, кога АМСМ повторно информира за одделни забрани за сообраќај.

Регионалниот пат Кратово-Пробиштип од 7:50 часот е во прекин во двата правци за сите возила. Сообраќајот на патниот правец Куманово – Крива Паланка, пак, се одвива отежнато поради наноси од снег на коловозот.

Од друга страна, од 8 часот прооден е патниот правец Крупиште-Пробиштип.

Се нормализира сообраќајот и на патниот правец Свети Николе-Куманово, од 9:30 часот од Велес кон Штип и Пробиштип наизменично се пропуштаат возила. Остануват на сила забраните за тешки товарни возила.

Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Маврово, Ѓавато, Плетвар, патен правец Крива Паланка- граничен премин Деве Баир.

„Сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато, во зимски услови, по влажни коловози, а во западниот и северниот дел од државата со остатоци од снег, по интервенција на екипите на ’Македонија пат’“, соопштуваат од АМСМ.

Од таму напоменуваат дека е можна појава на помали одрони во клисурите и засеците,особено на патните правци: Кочани – М.Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија – Удово, Катланово-Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Инаку, вчера попладне повторно се одржа седница на Управувачкиот комитет за кризи. Таму беше заклучено дека состојбата со невремето предизвикано од неповолните метеоролошки услови, генерално е стабилна.

Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК) рече дека состојбата на патиштата се менува во зависност од тоа колкава е снежната покривка, но и поради ниската температура.

Раководителот на службата на Итната медицинска помош, Анета Димоска, истакна дека во четвртокот во Скопско имале 149 интервенции. Од нив за четири скршеници на јавно место, две сообраќајки со двајца повредени и едно лице во хипотермална состојба.

Според Атанас Ковачевски, портпаролот на ЕВН, енергетскиот систем генерално е стабилен, со мали проблеми во руралните средини.Истовремено Ковачевски апелираше граѓаните рационално да ја користат електричната енергија и да не ги вклучуваат во напон поголемите потрошувачи одеднаш за да се избегнат испади во системот.

Фото: Социјални мрежи