Снегот репризно го отежнува и прекинува сообраќајот, забрани на повеќе патни правци

Сообраќаниот патен правец Скопје – Велес, кој синоќа беше во прекин, се одвива отежнато и по една коловозна лента.

Според последните информации од АМСМ, во 10:15 часот сообраќајот на патниот правец Велес-Катланово е нормализиран за патнички возила, додека забраната за камиони останува. Укината е и забраната за камиони патниот правец Ресен-Охрид преку планинскиот превој Буково, но има прекин на сообраќај на повеќе места.

„Oд 8 часот сообраќајот на патниот правец Валандово – Стар Дојран и обратно на м.в.Бела Барака, е во прекин во двата правци, поради наноси од снег.  Магистралниот пат А-3 Штип -Кочани поточно од с.Крупиште до бензиска пумпа „Ваго“ од 6 часот поради чистење на снежни наноси сообраќајот е во прекин. На регионален пат Тетово – Јажинце кај с.Јажинце поради обилни врнежи од снег сообраќајот е во прекин“, соопштуваат од АМСМ.

Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Маврово, Пресека, Плетвар, Ѓавато, К.Паланка – граничен премин Деве Баир, Струга – Ќафасан, Катланово – Велес и обратно.

„Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, а во западниот и северниот дел од државата, наместа со остатоци од снег по интервенција на екипите на Македонијапат.  Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – М.Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија – Удово, Катланово-Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково“, стои во соопштението на АМСМ, од каде потсетуваат дека од 15-ти ноември на сила стапи законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 Март 2017 година.

Од АМСМ препорачуваат исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

 

Фото: Социјални мрежи