Струшките ученици мрзнат поради блокирани сметки

Сметките блокирани, струшките ученици мрзнатУчениците во струшките основни и средни училишта се смрзнуваат затоа што училиштата се уште се без нафта за греење поради тешката финансиска состојба во која се наоѓаат. Вкупните долгови изнесуваат приближно 2 милиони евра, а градските власти во Струга велат дека училиштата се соочуваат и со блокирани жиро-сметки, објави Радио Слободна Европа.

Поради ваквата состојба нема интерес меѓу компаниите за набавка на нафта за училиштата, па два тендера веќе пропаднале, вели Лавдрим Елмази, раководител на секторот за образование во општина Струга.

„Ние бараме решение за проблемот. Бараме нафта од владата и од дирекцијата за резерви на нафта и од таму добивме позитивен одговор. Ни ветија дека ќе ни донесат 100 тони нафта за училиштата. Педесет тони треба да стигнат до Нова година и 50 тони после тоа. Со тие 50 тони максимално може да поминеме еден месец. Училиштата ќе добијат не колку што бараат туку колку што имаме“, вели Елмази.

Елмази вели дека ако проблемот не се реши во целост најлошиот случај е прекин на наставата.

„Тоа е најлошиот случај. Ние не се плашиме од тоа и да прекинеме ако не успееме, но знаете дека тоа не е нашата цел бидејки се зборува за образование. Има правила, а оштетувањата се големи бидејки во тој случај наставата ќе се продолжи во текот на летото. Мислиме дека до тоа нема да дојде. Среќна околност е што дел од училиштата се на дрва, и тие се снабдени со дрва“, изјави Елмази за Радио Слободна Европа.