Случај „Беса транс“: Управителот на фирмата осуден на една година и осум месеци затвор за фалсификување исправа

Една година и осум месец затвор е казната што денеска Основниот кривичен суд Скопје му ја одреди на управителот на фирмата „Беса транс“, Беким Хаџиу, за делото фалсификување исправа за автобусот со кој во ноември 2021 во трагична несреќа во Бугарија загинаа 45 лица, претежно македонски државјани.

Судијата Ивица Стефановски, кој го водеше предметот во скопскиот Кривичен суд, ги огласи за виновни Хаџиу и фирмата „Беса транс“ за кривичното дело фалсификување на исправа. Хаџиу, како што соопшти Судот, е осуден за кривичното дело по член 378 став 3 во врска со став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, согласно што му одредена затворска казна од една година и осум месеци.

На правното лице, кое се гонеше по член истиот член од Кривичниот законик, но по став 4, а во врска со ставовите 3 и 1 и членот 45, Судот му одреди парична казна од 800.000 денари (околу 13.000 евра). Воедно на фирмата судијата ѝ изрече и мерка забрана за добивање на лиценца за патен превоз во рок од четири години од правосилноста на пресудата.

Судот, како што наведоа оттаму, пресудата ја донел по ценење на сите материјални и вербални докази изведени во текот на постапката.

Судијата Ивица Стефановски рече дека Хаџиу од јануари до ноември 2021 година, во 20 наврати искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска, лажна јавна исправа  – извод од лиценца за вршење јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.

Инаку, пресудата што денеска ја објави Основниот кривичен суд е првостепена и странките имаат право на жалба до повисок суд, во случајот Апелацискиот суд Скопје.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ, како бранител на обвинетиот Хаџиу во изјава за медиумите по изрекувањето на пресудата, рече дека со сигурност ќе поднесе жалба на пресудата. Според адвокатот, изречената казна во конкретниот случај е превисоко одмерена, а дополнително одбраната смета дека кривичното дело – фалсификување исправа не може да опстои, бидејќи во случајот таква лажна исправа не е изработена, употребена и не постои.