Скопски филмски фестивал со акцент на големите авторски имиња

Над шеесеттина остварувања, распределени во седум програмски целини, ќе бидат претставени на 17. Скопски филмски фестивал, манифестацијата што од 23 до 30 април ќе се одвива во кината „Милениум“, „Фросина“ и во Кинотека на Македонија. Акцентот на ова издание на случувањето е ставен врз авторските имиња кои во последниве години се во врвот на светските фестивалски селекции, пишува Радио Слободна Европа.

Скопски филмски фестивал со акцент на големите авторски имиња

Во деновите на зовриени страсти и изнасилена предизборна атака на љубителите на филмот од земјава наново ќе им се случи уметноста на подвижните слики. На 17. Скопски филмски фестивал, во седумте програмски целини, ќе бидат прикажани над шеесетина остварувања кои се бават со авторската имагинација и специфичните жестоки творечки ракописи.

Манифестацијата ја отвора 3- Д имакс проекцијата на „Битката за Сталинград“ на Фјодор Бондарчук, во која тој на самосвоен начин се бави не само со една од најкрвавите битки во историјата на човештвото ( во која патем загинале над два милиони луѓе и била пресудна за исходот на Втората светска војна) туку и со личните приказни на луѓето од обете страни на барикадите, а за спуштање на завесата е резервиран „Невидливата жена“ на Ралф Фајнс каде се разоткрива тајната љубов на големиот британски писател Чарлс Дикенс.

Во главната програма се осум филма од кои за издвојување се: „Сликата што недостасува“ на Рити Пан од Камбоџа, мексиканскиот „Хели“, иранскиот „Манускриптите не горат“ на Мухамед Расулоф, грчкиот филм „Госпоѓица насилство“ на Александрос Авранас, индискиот „Ланчбокс“, „Ние сме најдобри“ на Лукас Мудисон, „Слободна зона“ на Веико Оунпу од Естонија, како и „Часот на рисот“ на Серен Крег Јакобсон. Три од овие филмови своите светски премиери ги имаа на минатогодишниот Кански фестивал.

Во Програмата на авторски филм најнапред ќе го видиме „Моебиус“ на Ким Ки-Дук, а потем следуваат неколку ексцентрични црни комедии и сатири како „Вештерките од Зугарамурди“, „Влажни места“, „9 месеци“, „Јас, лично јас и мајка ми“ „Дали човекот кој е висок е среќен?“ и „Киднапирањето на Мишел Уелбек“.

Прочитајте го целиот текст на следниот линк.