Скопје одбележува 57 години од катастрофалниот земјотрес во услови на пандемија

Поради условите кои ги наметна здравствената криза со коронавирусот, планираните активности на Градот ќе се организираат согласно со строгите протоколи за вакви настани на Владата на Република Северна Македонија, известуваат од Град Скопје.

Скопје и годинава со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 57 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога градот се разбуди во урнатини под кои 1.070 лица го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

Од Град Скопје соопштија дека денес преку општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиологија се организира традиционалната крводарителска акција. Акцијата, којашто почна во 9 часот и ќе трае до 17 часот, се спроведува по посебни протоколи поради Ковид-19, во Дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.

Музејот на Град Скопје за во сабота, во 20 часот, во Градскиот парк во Скопје, на платото пред споменикот на Гоце Делчев ќе ја презентира изложбата „Скопска алеја на меѓународната солидарност“ на Зоја Богдановска, кустос и историчар.

Изложбата се состои од 14 паноа на кои се прикажани клучните мигови по несреќата, на помошта во добра и волонтери којашто веднаш пристигнала од тогашните југословенски републики, како и солидарноста од светот. Изложбата преку текстови, фотографии, карти и мапи, на посетителите ќе им понуди информации за Скопје пред и по земјотресот.

Во недела, традиционално, официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел.

Мултимедијалниот настан насловен „МКЦ за Скопје“ ќе се одржу во паркот на МКЦ по соодветен протокол и почитување на мерките за заштита. Бројот на посетители годинава ќе биде ограничен, влезот ќе биде бесплатен, но со билети коишто може да се набават преку bileti.mkc.mk.

„МКЦ за Скопје“ ќе почне во 19:30 со изложбата „Култните градби во Скопје“ – избор на фотографии од проектот „101 најзначајна градба во Скопје“. Во изложбата се претставени култните градби во Скопје, а истата ќе биде надополнета и со видеопроекција. Автори на фотографиите се Горан Георгиевски, Горан Јакимовски и Владимир Арсовски. Селектор е архитект Ѓоко Радовановиќ, а монтажата на видеото е на Митко Арнаудов.

Од 20 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов, која содржи осумдесетина куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот.

Мултимедијалниот настан по повод земјотресот ќе продолжи во 21 часот со претстава „Импров настап“ на „Импров група“. Нивната претстава е заснована на игри за импровизација коишто се адаптирани да се играат пред публика.

Од 22 часот во рамки на „МКЦ за Скопје“ ќе почне музичката програма и концертот на бендот „Перија“ – во кој членуваат Филис, Леа и Кате кои изведуваат музика на перкусии, уд, тамбура и кемане. По нив ќе настапи „21 век“ – бенд на Васко Атанасоски, Раде Јорданоски и Дени Крстев кои истражуваат експресивна палета на влијанија – од постпанк до македонска традиционална музика, како и бендот „Ен2три“ кој ќе настапи со перформансот „5:17“.

Кинотеката и Македонскиот центар за фотографија (МЦФ) по повод 57 години од скопскиот земјотрес, премиерно ќе прикажат два документарни филма: „Првата светска војна, сеќавања” на Роберт Јанкулоски и „Преживеани спомени” на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска. Настанот, насловен „Сеќавања“, ќе почне во 21 часот, на 26 јули.