Скопјанец револтиран од загадувањето утре ќе протестира пред канцелариите на Коце Трајановски

Пред да оди на работа, скопјанецот Јане Димески утре од 9:15 часот ќе оди да протестира пред канцелариите на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Со хаштагот #ПрвоКафеКајКоце, Димески преку социјалните мрежи повика доколку сакаат да се приклучат и други граѓани.

Ваквиот протест, како што наведува Димески, е против неактивноста на Трајановски за аерозагадувањето. Не мисли дека градоначалникот „страшно ќе се потресе ако види еден или десетина протестанти“, но, вели тој, едноставно не гледа што им преостанува.

„Човекот, како и целата администрација на Градот, на Министерството за животна средина и генерално на Владата заедно со сите други градоначалници едноставно досега покажаа дека воопшто не им е грижа дали некој ќе умре од страшното загадување, дали ќе се разболи, дали децата не можат да излезат надвор половина година, дали се полни болниците за белодробни заболувања и ординациите на матичните лекар. Воопшто не им грижа за граѓаните. Во ниту еден момент. Толку години да си на таква извршна функција како градоначалникот Трајановски и да не сакаш да преземеш ништо сериозно или конструктивно покрај сите докази дека со овој воздух кој го дишеме само прашање на време е кога ќе умреме, тоа говори само дека ниту на крај на паметот не им е да ја подобрат состојбата. Напротив ако се анализираат политиките на овој градоначалник неминовно се доаѓа до заклучокот дека тој сериозно има придонесено за влошување на состојбата со загадувањето на воздухот. Само да се потсетиме дека градот ги потпишува одлуките за сечење на дрва на повеќе локации во градот навечер што во повеќе наврати се случуваше изминатите години“, наведува Димески за Радио МОФ.

Затоа, утре оди пред канцеларијата на Трајановски со транспарент не поради тоа очекува нешто од него да направи сега, после толку години на функција, туку, вели тој, едноставно да изрази револт од неговите постапки и од целата состојба.

Таканаречените нови мерки кои денеска ги најави градоначалникот, нема да го одвратат од намерата да протестира против институционалната индиференост за горлиот проблем со аерозагадувањето, од кое годишно умираат над 1.300 граѓани.

Б.Ш.