Синдикатот на гимназијата Орце Николов: Кому му пречи професорот Душко Стојановски?

Синдикатот на СУГС Гимназија „Орце Николов“- Скопје се непријатно изненадени од постапката на исклучување од СОНК, на нивниот претседател и синдикален лидер Душко Стојановски, еден од најомилените професори во училиштето. Во реакцијата испратена до медиумите, тие прашуваат кому му пречи професорот Душко Стојановски?

„Претседателот на синдикалната организација на СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје, професорот Душко Стојановски ѝ е доволно познат на јавноста по отворената борба за поквалитетно образование, по вистинољубивоста, по неговите заложби за враќање на дигнитетот на професијата наставник. Образложението за исклучувањето на колегата Стојановски, го потврдува парадоксот според кој СОНК ги вреднува демоткратските вредности на своите членови.

Со овој пример, СОНК покажува дека ги деградира, казнува, исклучува своите најактивни, најверни членови и тоа токму оние кои на свои плеќи го понесоа товарот на минатиот штрајк на просветните работници. Тоа беа токму оние кои се осмелија да го кренат својот глас против аномалиите на образовниот систем, тие се оние кои се изборија за одредени отстапки во корист на наставниците, и тоа во услови на невидени притисоци од сите институции одговорни за образовниот систем.

Изминатите денови имаме многу прашања и многу дилеми. Кому му пречи проф. Стојановски? Кој и зошто се исплаши од него? Ги исплаши ли силата на неговиот збор? Неговото влијание?! Синдикалната организација на СУГС ,,Орце Николов“ – Скопје, била, е и ќе биде повеќе од синдикат и повеќе од движење. Бевме гордост кога требаше да ја спасуваме кожата на т.н. ,,лидери“ и кога го носевме бајракот на просветарскиот отпор.

Професорот Душко Стојановски, со личен пример, во најтешкиот период за образованието, во време на штрајкот на просветните работници, под силни притисоци од секаков вид – беше во првите редови на синдикалното движење. Оттука, оваа одлука на СОНК за негово исклучување ја дочекуваме со гнев и разочараност.

Членовите на СОНК на СУГС Гимназија ,Орце Николов“ целосно застануваат зад професорот Душко Стојановски, затоа што тој е ЕДИНСТВЕН НАШ ПРЕТСЕДАТЕЛ. За нас, тој тоа и ќе остане!!! Нашата борба за квалитетни реформи и примерите коишто им ги оставаме во наследство на идните генрации, нѐ прават горди што во времето на ретките, бевме на вистинското место – на страната каде што се бранеа човековите права и демократијата.

Имаме професионална и лична одговорност, обврска, задача и цел да останеме столб на нашата заедница во која допрва на општеството ќе му ги испраќаме идните, демократски свесни и изградени граѓани кои ќе го продолжат нашето дело. Заради нив – како нивен пример и заради нас, продолжуваме со нашата борба ЗА ОБРАЗОВАНИЕ. Не се откажуваме од борбата за подостоинствен третман на професијата наставник, не се откажуваме од заложбите за поквалитетно образование“, стои во реакцијата.