Синдикати и здруженија повикаа на Првомајски протест

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ, Движењето за социјална правда ЛЕНКА и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) ги повикаа сите работници, стечајци, невработени, студенти, сиромашни и обесправени на Првомајски протест.

Синдикати и здруженија повикаа на Првомајски протест

Протестот според најавите ќе се одржи во четврток (01.05) од 12 до 13:30 часот и ќе започне во Жена парк за потоа да продолжи пред Собранието, Владата и плоштадот Македонија.

– Имајќи предвид дека овие Првомајски манифестации ги планираме во период кога се одвиваат избори како за Претседател на Републиката така и парламентарни избори, значи во услови кога не се знае кој и каква Влада ќе состави по изборите, целосно независно од исходот на изборите ние, потписниците на Синдикалната Повелба ќе и’ ги истакнеме на која и да е влада следниве

Б А Р А Њ А:

1) Законот за минимална плата да не дискриминира и ефективно да ги казнува прекршителите! Поради ова, потребно е:
– да се изедначи минималната плата во сите сектори не во 2018, туку во 2014 година;
– работодавците за кои ќе се утврди дека не исплаќаат минимална плата директно да се казнуваат со парични казни, а не да добиваат покани за едукација.

2) Ослободување на правото на штрајк од законските стеги! Во врска со правото на штрајк треба:
– укинување на постапката за помирување со која се условува отпочнувањето на штрајкот;
– правото на организирање штрајк, покрај синдикатите, повторно да го имаат и самите работници.

3) Правото на синдикално организирање да не биде мртво слово на хартија! Затоа, е потребно:
– промени во законската и подзаконската регулатива, како и во однесувањето на
надлежните органи со цел да не се одолговлекува до недоглед процесот на
регистрирање на синдикатите;

– Владата, преку сопствено и дејствување на нејзините институции, да го обезбеди почитувањето и да го гарантира правото на синдикално организирање.

Работници, граѓани, синдикалисти и синдикати, Координативното тело на Повелбата за солидарност на синдикатите и организациите за заштита на работничките права во Македонија ве повикува да ни се придружите со поддршка и присуство во одбележувањето на 1 мај, Меѓународниот ден на трудот, се вели во најавата за протестот.