Симулација на ноќно небо и видеопроекција на планетите во Сончевиот систем во Планетариум

Скопско астрономско друштво организира серија предавања во Планетариумот во Скопје кои ќе се одржат на 11-ти и 12-ти ноември и тоа во два термини, од 20 и од 21 часот.

На предавањата ќе има симулација на ноќното небото ослободено од облаци и светлосно загадување.

Предавач ќе биде Радан Митровиќ, кој ќе зборува за најинтересните и најважните соѕвездија, како и легендите кои нив ги пратат.

Исто така, се воведува новина – преку интерактивна видео проекција ќе се прикажуваат најважните особини на планетите во Сончевиот систем, а со помош на астрономски програми ќе се долови што се случува периодов на небото и воопшто во астрономијата.

„Секако централна улога има Планетариумот и неговата волшебна способност да ни го долови ноќното небо со преубав приказ на ѕвездите, да ни покаже како тоа се менува кога се наоѓаме на разни позиции на Земјината топка, но и да го забрза текот на времето, а со тоа и движењето на ѕвезденото небо над нас“, информираат од Скопско астрономско друштво.

Планетариумот е во состав на Младинскиот културен центар (МКЦ), а влезот е од страната која гледа кон Македонската радио телевизија. Билетите, кои се во ограничен број, може да ги набавите во билетарата на МКЦ по цена од 150 денари.

Контакт телефон за информации: 076 439 027