Швајцарските муслимански девојчиња мораат да пливаат заедно со машките, пресуди Европскиот суд

Швајцарија го доби судскиот процес пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) со која се обврзуваат муслиманските родители да ги праќаат нивните деца на мешани часови по пливање.

Во одлуката се вели дека надлежните имале право да даваат првенство на спроведување „целосна училишна програма“ и „успешна инклузија“ на децата во општеството.

ЕСЧП истовремено утврдил дека постоело мешање во религиозните слободи, но судиите пресудиле дека тие не се повредени.

Случајот „Османоглу и Коџабаш против Швајцарија“ беше покренат од швајцарски државјани со турско потекло, кои во 2010 година одбиле да ги пратат нивните ќерки во тинејџерска возраст на задолжителните мешани часови по пливање. Надлежните во образовниот сектор објасниле дека отстапките се дозволени само за девојки кои влегле во период на пубертет – кое девојчињата не го исполнувале во тој период.

По долг спор, родителите биле казнети со скоро 1300 евра за „прекршување на нивните родителски надлежности“.

Тие тврделе дека таквиот однос е нарушување на членот 9 од Европската конвенција за човековите права, која ги третира правата на слобода на мислење, совест и вера.

Во соопштение, ЕСЧП објаснува дека одбивањето да се исклучат девојчињата „било мешање во слободата на верата на едната страна“, но, истовремено тие додаваат дека правото е дизајнирано за „заштита на странските ученици од било каква форма на социјална исклученост“.

Судот наведува и дека Швајцарија е слободна да го дизајнира својот образовен систем во склоп со нивните потреби и традиции. Училиштата, се вели, имаат значајна улога во социјалната интеграција и исклучоци од некои часови се „оправдани само во многу специфични околности“.

„Според тоа, интересот на децата за целосно образование, а со тоа и забрзувањето на нивната успешна социјална интеграција според локалните обичаи и традиции, преовладувале над родителската желба нивните деца да бидат исклучени од мешаните часови по пливање“, велат од Судот.