Штанд на Студентски пленум на Правен, студентите зборуваат за своите проблеми

Неажурирана веб-страница, нефункционални електронски картички за присуство, отсуство на студентски претставници, се дел од проблемите на кои укажуваат студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Во аулата на факултетот денеска беше поставен штанд од Студентски пленум, на кој студентите кои поминуваа за време на паузите можеа да поразговараат за своите проблеми, да се запознаат со основните права кои ги имаат, но и за активностите на Пленумот.

Целта на овој информативен пункт, како што велат од Пленумот, е да ги запознаат сегашните и новите студенти со идните состаноци на кои можат да се приклучат.

„Сакаме да ги запознаеме со активностите, да ги информираме дека денеска во 16 часот има интерен пленум, исто така да ги информираме сите Пленумци дека вечерва во 20 часот ќе има генерален интерен пленум на Градежен факултет“.

Студентите кои доаѓаа да се информираат најчесто ги интересираше како се одвива целата организација, дали има членство, кога се состаноците и каде се одвиваат, но и побараа совети за секојдневните проблеми со кои се соочуваат на факултетот.

„Имаме крајна нефункционална страница каде роковите за полагање и резултатите се поставуваат буквално 5 до 12“, рече една студентка, додавајќи дека студентските домови и мизерните услови во нив, во моментов се најгорлив проблем за нив.

На ова се надоврза нејзиниот колега кој рече дека се уште е случај некој професор да инсистира да му се купи учебникот.

„Проблем претставува и недоволното залагање на студентското претставително тело, што е проблем на сите факултети“.

Студентите се уште не знаат кога ќе се одржат студентски избори за нов претседател на Студентскиот парламент, кој важи за единственот легитимно тело што ги претставува студентите.

На огласните табли на факултетот пак, има само понуди за организирани апсолвентски патувања и информации за уписи за тековната година.

Е.П.