Шпанскиот министер за индустрија поднесе оставка поради „документите од Панама“

Шпанскиот министер за индустрија, Хосе Мануел Сориа утринава поднесе оставка поради назнаки дека е поврзан со офшор-компанија чие име се појавува во „документите од Панама“.

Оваа недела, новинарите го „притиснаа“ Сориа за неговата вмешаност во компанијата ЈуКеј Лајнс, основана како една од компаниите кои ги застапува адвокатската канцеларија Мосак Фонсека. Најпрво, Сориа негираше дека е вмешан, изјавувајќи дека тој има влог во фирма со слично име, регистрирана во Велика Британија. Сепак, тој беше принуден да признае, откако весникот Ел Мундо објави документи со негов потпис.

„Сите политички активности треба да бидат примерни, вклучувајќи и давање објаснувања. Кога ова не е случај, морате да преземете одговорност“, изјави Сориа во соопштението, кое утринава го испрати преку имејл.

Аферата со „документите од Панама“ и натаму го тресе светот – откако беа откриени докази дека илјадници бизнисмени и познати личности имале основани компании во Панама, за да избегнат даноци во сопствените земји, постојано се јавуваат нови имиња и откритија.