Широкопојасниот интернет станува универзално право во Словенија

Секое село во Словенија ќе добие право на приклучок на широкопојасен интернет со минимална брзина за пренос од податоци од 10 мегабити во секунда. Ова право ќе почне да се остварува од крајот на јуни оваа година, објави словенечката државна Агенција за телекомуникациски услуги.

Со ова правото на приклучокот на широкопојасен интернет за првпат се внесува во листата на универзални комуникациски услуги, кои мораат да бидат достапни до сите корисници. Ова право ќе биде покрај досегашните права на основните телекомуникациски услуги, како правото на приклучок на телефонска мрежа и право на телефонска говорница во секое населено место, информираат словенечките медиуми, пренесува АлЏазира Балканс.

Идниот понудувач на универзалните комуникациски услуги со право на широкопојасен интернет приклучок ќе може сам да избере начин како таа услуга ќе ја обезбеди за корисниците кои засега немаат можност поради технички ограничувања или специфични локации.

Понудувачот ќе може да одлучи таквиот интернет да го обезбеди преку фиксен, мобилен, хибриден или сателитски приклучок, а ќе имаат право и на повраток на вложените средства, преку субвенции од државата.

Се проценува дека во Словенија, која има многу развиена можност за интернет приклучок на населението, сè уште околу 4.600 домаќинства низ целата земја не можат да добијат пристап до широкопојасен интернет.

Словенија со оваа одлука ќе стане шеста држава во Европа во која правото на широкопојасен интернет се воведува како универзално право.