Шеснаесетто издание на „Есенски музички свечености“ од 6 до 30 ноември

Со концертот на џез составот „Керем Горсев трио“ од Турција, во придружба на камерниот оркестар од Битола, а под диригентската палка на Сашо Татарчевски, во петок ќе биде отворено 16. издание на „Есенските музички свечености“ во Домот на АРМ.

Програмата за оваа година е составена од 10 концерти на врвни музичари од светот и премиера на современа балканска претстава, кои ќе се случуваат на повеќе локации.

Во сабота, во Македонскиот народен театар ќе биде прикажана премиерата на современата балетска претстава „Balkan Dance Project Vol.1“, копродукција меѓу Словенија, Хрватска, Србија и Македонија. Се работи за балетска претстава што ја работат двајца кореографи, Александар Саша Илиќ од Србија и Игор Киров од Македонија.

Во понеделник концерт на Факултетот за музичка уметност-Скопје ќе одржи студентката Горјана Стојановска на пијано.

На 14 ноември на ФМУ-Скопје со целовечерен концерт ќе настапи Ансамблот за современа музика „Con Tempora“. Концертот „Sounds of Spirits“ претставува портрет на композиторот Малколм Дедман од Англија, а диригент ќе биде Бисера Чадловска. Студентите на Факултетот за музичка уметност-Скопје на 16 ноември ќе имаат концерт посветен на 90-годишнината од раѓањето на Властимир Николовски. Концертот е насловен „Творечкиот опус на Властимир Николовски“. На 20 ноември во Домот на АРМ вокално-инструментален концерт ќе одржи Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“.

Во рамки на манифестацијата, хорот „Про Арс“ ќе има премерни изведби на хорски композиции наградени на конкурсот на Министерството за култура на Република Македонија за нови хорски дела. Диригент ќе биде Сашо Татарчевски.

Вториот млад музичар кој ќе настапи на Есенските музички свечености е виолинистот Момчило Куфојанакис заедно со пијанистката Весна Ангелова. Концертот ќе се одржи во Културно-информативниот центар-Скопје, во Салонот 19,19. Рецитал ќе имаат саксофонистот Нинослав Димов со пијано придружба на Маја Поповиќ Караиванова.

Манифестацијата ќе заврши на 30 ноември со настапот на оперското дувачко трио на МОБ, уметниците Татијана Петрушевска-обоа, Игор Бакевски-кларинет и Марјан Милошевски-фагот.

Организатор на манифестацијата е Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, а покровители се Град Скопје и Министерството за култура.