Во Wanderlust на 7 март (вторник) во 20 часот ќе биде отворена изложбата Шепоти на потсвеста на Гордана Винчиќ и Игор Љубовчевски.
Уметниците велат дека преку апстрактните дела доаѓаат во најблизок допир со потсвеста. Во делата користат визуелен јазик и форми кои се независни од визуелните референци во стварниот свет.
„Тие се субјективни и имагинарни, творени непосредно ,спонтано, со динамичен автоматизам во моментот на изведбата. Познатиот психоаналитичар Карл Густав Јунг вели дека потсвеста контиунирано се обидува да не советува и да ни помогне во било каква потреба . Тоа го прави со еден симболички јазик преку соништата , фантазиите и медитацијата . Со нашите дела сакаме да оддадеме почит и важност на она што потсвеста сака да ни го каже . Гледајки ги делата сакаме и набљудувачот да го поттикнеме да навлезе во својата потсвест, ризница на мудроста , мајка на сите свесни чинови . Препуштајќи и се на потсвеста во самото творење дојдовме во контакт и со најискрените чувства. Истото го сакаме и за набљудувачот“, стои во описот на изложбата.
Инаку, Гордана Винчиќ е уметница од Скопје која живее и твори во Малме, Шведска.
„Делата на Гордана самите по себе се наративни и носат длабока мистичност, носталгичност и надреална симболика. Секое нејзино парче уметност ги поттикнува сетилата, тера на размислување и барање одговори. Авторката преку своите дела ги спојува уметноста и личниот развој, а главниот поттик и е фасцинираноста од подсвесното знаење и мудрост кои сeкoj чoвeк ги носи во себе“, се вели во најавата за изложбата.
Делата на Игор Љубовчевски, пак, се карактеризираат со извонреден хипер реалистичен цртеж.
„Поттикнат од фасцинираноста за моментот на специфичните чувства кај човекот кој впрочем се изразуваат и го прават самиот карактер интересен. Истражувајќи ги емотивните состојби на како човекот така и неговиот телесен јазик преку своите дела Игор сака сам, а и набљудувачот да се истражи себе. Намерно се и ликовите како во трансформативна форма, и го привлекуваат вниманието и желба за лично истражување и развој“.