Шекспировиот Globe театар ја однесе „Хамлет“ во кампот во Кале

Актерите од Globe театарот формиран од Вилијам Шекспир ја изведуваа „Хамлет“ во средата, пред околу 300 бегалци засолнети во кампот во Кале, познат како „Џунглата“.

Joe Murphy, сценарист и коосновач на Good Chance Project (организација која овозможува забавни и културни настани за бегалците во кампот), вели дек „Хамлет“ е идеалната претстава за оваа прилика.

„Хамлет е приказна за млад човек кој е депримиран и исфрустриран, помеѓу животот и смртта, кој не знае што да прави, кој се труди да донесе одлуки“, вели.

„Таа приказна ќе допре до илјадници луѓе кои се овде во истата ситуација. Има многу млади луѓе и тинејџери без придружба овде. Гледаме деца кои поминуваат низ најтешките предизвици во нивниот живот, кои пропаѓаат ментално и физички, го губат умот… Трагично е тоа да се гледа“.

Еден од мажите кои ја гледале претставата порано бил медицински брат, принуден да оди во војска во Еритреја, Hector.

„Сум ја читал драмата, но никогаш не сум ја гледал. Добро е да се види театарска претстава, да се види англиската традиција. Добро е да уживаш во нешто“, вели Hector.

„Животот овде е многу лош. Овде сум веќе шест месеци. И ние сме луѓе. Би живееле ли вие овде?“, додава.

Една од целите на Good Chance е да обезбеди малку светлина во мракот. Во просек 6000 бегалци од 22 земји живеат во кампот, а повеќето од нив сакаат да влезат во Велика Британија. Волонтерите велат дека поголемиот дел од нив се песимисти дека тоа некогаш ќе се случи.

Тензиите се особено зголемени оваа недела, откако специјалните полициски единици со булдожери ги урнаа привремените домови во „Курдското поле“, како и џамија и Еритрејската црква.

„Тоа беше ужасно“, вели Joe Robertson, другиот основач на Good Chance. „Пасторот липаше час и половина“.

Benjamin, градежен работник од Иран, ја гледал изведбата на „Хамлет“ на англиски јазик прв пат. Дома ја имал проследено на фарси.

„Јазикот е прекрасен“, вели тој.

Негов пријател, програмер кој одбил да биде именуван, вели дека е добро да се има нешто што ќе ги расположи.

„Ова ни го менува расположението, не зближува“, смета.

„Хамлет“ е дел од Globe to Globe турнејата која започна во април 2014, со амбициозна намера да ја посети секоја земја во светот. На почетокот на февруари биле на Сејшелите, далеку од студот на „постапокалиптичната“ Џунгла.

Бидејќи е физички невозможно да се влезе во секоја земја, театарската трупа веќе има играно во неколку кампови, пред сириските бегалци во Затари кампот во Јордан, за бегалците од Јемен во Маркази кампот во Џибути и за бегалци од Централната Африканска Република во Манџу, Камерун.

Dominic Droomgoole, уметничкиот директор на Globe, вели дека играњето во бегалските засолништа не било дел од оригиналниот план.

„Две години се долго време во глобалната политика. Самиот размер и трагедијата на моменталната бегалска криза бара одговор, макар и мал.

Голема привилегија е да се игра за раселените лица во Кале. Како театарска трупа, единствениот гест кој можеме да го понудиме е овој: претстава која се надеваме дека му се обраќа на човековиот дух во најголемите и најмрачните моменти“.

Murphy вели дека изведбата во средата била прекрасна и впечатлива. Публиката, на која ѝ биле понудени пуканки, чај и синопсис од претставата на англиски, пашто, фарси, арапски, француски и курдски, не ја сфатила секоја нијанса, но Murphy вели дека никој не разбира сѐ.

Кампот досега го посетиле повеќе театри, циркуски трупи, пантомимичари и други уметници.

„На луѓето им треба таа ментална стимулација. Им требаат два часа во денот кога не чекаат ред за храна“, вели Robertson.

Извор: Guardian