Шеесетина средношколци заминаа на „ЕУ викенд“ во Охрид

Викендов во Охрид се одржа традиционалниот„ЕУ викенд“- годишен настан на програмата „Учиме право“ на Младинскиот образовен форум. На тридневениот настан присуствуваа шеесетина средношколци од клубовите седум градови во Македонија.

Концептот на овој настан предвидува предавања за Европската Унија, поконкретно за начинот на кој функционира и нејзиниот развиток низ годините, за брановите на проширување, институциите на ЕУ и политиките кои тие ги спроведуваат, предизвиците и заканите на ЕУ. Посебна сесија годинава беше посветена на досегашниот евроинтеграциски пат на Република Македонија кон ЕУ.

Во рамките на овој настан се одржаа три гостински предавања од „Дирекцијата за заштита на лични податоци“, а настанот заврши со симулација на работата на Европскиот совет, во кој делегатите на сите држави членки (шефови на држави и влади) расправаа за прашањето за прием на Република Турција во Унијата.

На крајот од симулацијата се спроведе гласањето при што со 21 гласови „за“ и 7 гласови „против“ беше  одлучено Турција да не влезе во ЕУ, бидејќи за одобрување на влез во Унијата е потребна поддршката од сите држави.

Сесиите беа водени од предавачите на клубовите „Учиме право“, кои низ неформален и интерактивен начин се обидоа да го пренесат своето знаење на средношколци. Освен што се стекнаа со нови знаења, средношколците на годинешниот „ЕУ викенд“ се запознаа, дружеа и забавуваа со нивни врсници од цела Македонија.