Шарена револуција од СЈО, ЕУ Инфоцентар до Собрание со мотото „Селективна правда е неправда“

Под мотото „Селективна правда е неправда“, граѓаните на Протестирам и Шарената револуција и денеска во голем број излегоа на протест против аболицијата потпишана од претседателот Ѓорѓе Иванов, со барање таа целосно да биде повлечена, а Иванов да даде оставка.

Тие се собраа пред СЈО, од каде продолжија кон ЕУ Инфоцентарот, испишувајќи порака на асфалтот пред зградата „Селективна правда е неправда“, на англиски јазик , а како порака за ЕУ дипломатите.

Оттука, како што јавува репортерката на Радио МОФ, протестот продолжува кон Собранието, каде веќе стои силно полициско обезбедување и е поставена бина.

„Нема да запреме додека не се повлече аболицијата целосно. Не неколку, туку сите треба да бидат предмет на истрага. Чекориме по улицата за сите кои се сомничат за криминал да бидат изведени пред суд. Претседателот си поигрува со нас, но уште повеќе се поигрува со правдата. ‎Протестирам‬ за да не го дозволам ова поигрување. протестирам затоа што додека Иванов суди кого да аболицира а кого не, на нашите соборци им се продолжи притворот. Таква „правда“ не е правда, селективна правда е неправда“, децидни се од Протестирам.

Инаку денеска, во обраќањето до граѓаните,Иванов соопшти дека ја повлекува аболицијата, но само за 22 лица кои се „политички експонирани“.

Во барањата на Протестирам се и ослободување на демонстрантите од притвор и запирање на заплашувањата со казни за оние кои бојат во текот на протестите, уставно признавање на СЈО, но и вклучување на граѓански претставници во преговорите за излез од кризата. Од Протестирам исто така бараат и формирање преодна влада кој ќе ги спроведе реформските приоритети од извештајот на Прибе и ќе спроведе вистински фер и демократски избори.